Има ли безбедносни закани за Македонија?
Надлежните ги следат сите можни безбедносни закани за Македонија поврзани со тероризам и со бегалската криза.
На собраниска седница на Комисијата за надзор на работата на телата за безбедност и разузнавање денеска претседателот на Комисијата, Хари Локвенец рече дека побарале од властите не само да се следи состојбата, туки и да се преземат поинтензивни мерки за спречување или неутрализирање на можните опасности.
„Собранието на Република Македонија, а со тоа и граѓаните, мора да бидат информирани реално, точно и навремено за тоа дали навистина постојат закани по безбедноста на државата. Ова е особено важно по шпекулациите и сеењето страв од Ѓорге Иванов. Затоа, денеска свикав седница на Комисијата за надзор над УБК и над АР во рамките на остварување на надлежностите на комисијата за контрола на работењето на овие две институции. Седницата беше закажана по иницијатива на пратениците од опозицијата, а за надлежните институции да дадат одговор дали постојат опасности и закани за безбедноста на граѓаните и на уставниот поредок на Република Македонија“ – кажа Локвенец.
Ако се зборува за бегалската криза, треба да се следи јужната граница, но и другите не се исклучени.
Беше кажано дека од надлежните раководни лица од двете институции одговориле дека моментално нема никакви закани по безбедноста на граѓаните.
