Има два фактори поради кои ќе страда економијата на Израел
Воените трошоци и недостигот на работна сила поради мобилизацијата го намалија растот на Израел.
Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ја намали прогнозата за економскиот раст на Израел во 2026 година од претходните 4,8 на 3,5 проценти, наведувајќи дека зголемените регионални тензии и војната на Блискиот Исток негативно влијаат врз економската активност во земјата.
Во соопштението објавено по завршувањето на редовните консултации со израелските власти, ММФ наведува дека економијата на Израел се соочила со остар пад на активноста во првиот квартал од 2026 година, по што се очекува постепено закрепнување во текот на остатокот од годината.Фондот проценува дека инфлацијата во Израел привремено ќе се зголеми поради повисоките цени на енергијата и ограничувањата во синџирите на снабдување, и покрај зајакнувањето на шекелот, додека ризиците за економскиот раст се сè уште зголемени поради можноста за понатамошна ескалација на конфликтот во регионот.
ММФ предупредува дека високите трошоци за одбрана, заедно со недостигот на работна сила поради воена мобилизација и намалениот број странски работници, дополнително ќе ги оптоварат среднорочните економски перспективи на Израел.
Во извештајот објавен на својата веб-страница, извршниот одбор на ММФ оцени дека израелската економија покажала отпорност и покрај повторените надворешни шокови, но истакна дека фискалната дисциплина и продолжувањето на структурните реформи се неопходни за зачувување на макроекономската стабилност.
