Предлог-законот за заштита од пушење ќе претрпи измени по последната средба меѓу угостителите и претставниците на Владата. Клучната промена е тоа што терасите на локалите, за да се сметаат за простор каде е дозволено пушење, ќе треба да бидат отворени од најмалку две страни, наместо првично предвидените три.
Институциите утврдиле дека голем дел од објектите немаат техничка можност да ги отворат терасите од три страни. Но, забраната за пушење во затворените делови на објектите останува.
„Во деловните простории, во внатрешноста, нема да се пушат цигари, ’ајкос’ или ’вејп’. На терасите ќе продолжи да се пуши, со обврска да ги приспособиме на новиот закон – да бидат отворени од минимум две страни и заградени до висина од 1,40 метри поради безбедност и природно проветрување“, изјави Перица Голомеиќ, претседател на Туристичко-угостителската комора.
Иако угостителите бараа одложена примена од три години, извесно е дека ќе добијат рок од најмногу една година по стапувањето на сила на законот за да ги приспособат своите објекти.
foto freepik.com
