„ИМА ДА ОДГОВАРААТ СИТЕ, ОД ПРВ ДО ПОСЛЕДЕН“: Мицкоски вели дека лично побарал да се сопрат средствата од ИПАРД фондовите
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека лично побарал да бидат стопирани средствата од ИПАРД фондовите, за да се провери до каде одат злоупотребите, бидејќи имале индиции дека истото било правено и порано.
„Средствата од ИПАРД не се блокирани, напротив, поздравена е акцијата. Јас побарав да бидат стопирани средствата од ИПАРД, мораме да видиме до каде се злоупотребите. Првичните информации велат дека не е тоа од сега, туку наназад е правено. Секој кој мисли дека така ќе помине се лаже, има да одговараат сите, од прв до последен, кој сака нека е“, рече Мицкоски.
По најавата дека „Аптив“ заминува до Македонија, вели ќе има компании кои се затвораат, но и такви кои допрва ќе дојдат на македонскиот пазар.
„Ќе има компании кои се отвораат, компании кои се затвораат и тоа не треба да се сфаќа како нешто што претставува крај на светот. Ние како влада се обидуваме и успешни сме со тоа да донесеме што повеќе странски компании, очекувам до крајот на годината 4 или 5 да бидат потпишани. Некои ќе се отвораат, некои ќе се затвораат, но ние како влада сме тука да работиме за интересот на граѓаните и државата. Убеден сум дека со поддршката која ја даваме сме едни од најконкурентните во Европа“, додаде Мицкоски.
