Им треба ли реформа: Приватните пензиски фондови ни заработија 200 милиони евра
Над 200 милиони евра им заработиле на осигурениците двете приватни пензиски друштва кои собираат придонеси во вториот столб, од 2006 година наваму. За 12 години колку што постојат, за толку пари се зголемиле средствата кои ги уплатиле членовите. Во тој период уплатени се околу 725 милиони евра, кои заклучно со 2017 година вредат 925 милиони евра. Тоа се истите пари кои легнале на сметките на „Нов Пензиски фонд“ и на КБ Прв отворен пензиски фонд“ но по оплодувањто откако биле инвестирани во обврзници и во акции дома и во странство. Парите ги поседуваат 457.266 луѓе кои моментно се членови на еден од двата пензиски фонда. Во последниот период доби на жестина дебатата околу фукнционирањето на сиот државен пензиски столб, но и тоа дали во иднина поради криза во касата на државниот ПИОМ треба да се намалат придонесите кои се уплатуваат во вториот задолжителен пензиски столб. Некои експерти велат да, но повеќето сметаат дека тоа воопшто не би требало да се случи оти така ќе биде нарушен концептот на целата пензиска реформа, за која од друга страна се тврди дека е спроведена одлично.
Колкав е приносот?
Според официјални податоци од Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), во последните години приносот на друштвата во номинален износ е над шест проценти. Но од почетокот на реформата до крајот на годината всушност фондовите ги оплодиле средствата со вкупен номинален принос од околу 5,5 проценти. Се разбира реалниот принос е понизок и изнесува околу 3,5 проценти во просек. Податоците од МАПАС за минатата година покажуваат дека во неа вкупните уплати од придонесите на осигурениците биле 102,5 милиони евра. Собрани со сите години претходно, излегува дека уплатите надминуваат над 725 милиони евра. Споредба на уплатите со вкупните нето средства со кои располагаат фондовите , кои се всушност уплатите плус приност покажува дека вкупната заработка во 12 години изнесува над 215 милиони евра, затоа што заклучно со минатата година средствата изнесуваат 925 милиони евра.
Стоте денари станаа 190 денари
Друштвата заработуваат инвестирајќи ги уплатите во хартии од вредност. Според податоците, најголем дел од парите се вложени во најмалку ризичните, домашните обврзници или во нив се пласирани повеќе од половината од парите. Следуваат вложувањата во акции во инвестициски фондови во странство или таму се една третина од вложувањата. Помали или речиси безначајни се вложувањата во акции од домашни компании.
Инаку колку секој од нас заработил во фондовите, најмногу покажува вредноста на сметководствената единица која на први јануари 2006 година беше 100 денари. На крајот на декември лани во НЛБ изнесува 189,7 денари, а во КБП 195 денари. Или на пример, ако членот има вкупна уплата од 6.000 денари како придонес, тогаш тој поседува 60 единици оти вредноста на една е 100 денари. Вкупната вредност на тие 60 единици, ако се земе в предвид дека една сега вреди во просек 190 денари е околу 11.400 денари. Поедноставно фондот во кој членува нему му заработил 5.400 денари дополнително на тие 6.000 што ги уплатил.
Парите од приватниот фонд секој осигуреник ќе може да ги повлекува во месечни ануитети откако ќе гиисполни условите за пензионирање според годините на старост и 15 години работен стаж или само со наполнети 65 години старост кога не важи условот за задолжителни 15 години стаж.
