Им подметнале 91 пожар за повеќе од две седмици
Албанија ја пустошат подметнати пожари.
Во оваа соседна земја се подметнати 91 пожар за 17 дена.
Министерката за одбрана, Олта Џачка денеска предупреди дека оваа појава загрижува.
Вели дека пожарите во септември се криминален феномен.
„Есен е, температурите се ниски, а ние се соочуваме со парадокс. Само во рок од 17 дена се евидентирани 91 пожар, при што пламените јазици уништија површина од 262 хектари пасишта, грмушки, ливади, шуми, овоштарници, земјоделски површини, сточна храна, како и 1.162 маслинови дрвја“- изјави Џачка.
Причина за појава на толку многу пожари е човечкиот фактор.
„Нашите информации говорат дека станува збор за намерно подметнати пожари од страна на лица со криминални тенденции, поради имотни спорови или со цел да се создадат нови земјоделски површини, со верување дека тоа земјиште е поплодно и дава повеќе род. Без оглед кои и да се причините, тоа е кривично дело казниво со закон“- вели Џачка.
Таа ги предупреди албански граѓани дека секој пожар ќе биде темелно истражен и дека виновниците ќе одговараат пред законот.
Властите во Албанија во август годинава се бореа со 16 големи шумски пожари, вклучувајќи и пожари во близина на главниот град Тирана. Тие тогаш побараа помош од НАТО. Помош за локализирање на пожарите побараа од Грција и од Италија.
