„Иловица“ крие тони злато и можност за стотици вработувања!
Новиот рудник за бакар и злато „Иловица“ кај Струмица има потенцијал за вкупно годишно производство од 10 милиони тони руда - од кои можат годишно да се произведат околу 2,7 тони злато и 16.000 тони бакар, покажа предфизибилити студијата за економскиот потенцијал на рудникот, што ја изработи канадската компанија „Евромакс рисорсис“.
Животниот век на рудникот се проценува на 23 години, во кои вкупно би можеле да бида експлоатирани 225 милиони тони руда и да се добијат 69,5 тони злато и 411.000 тони бакар.
„Предфизибилити-студијата за проектот „Иловица“ дефинира финансиски атрактивен проект. Студијата ги потврди нашите следни чекори во развојот на проектот за да ја исполниме нашата амбиција да го изградиме и да управуваме со првиот голем модерен рудник во Македонија“, изјави Пат Форворд, главниот оперативен директор на „Евромакс рисорсис“.
Инвестицијата во рудникот се проценува на околу 500 милиони долари. Рудникот треба да почне со работа во 2017 година, а според првични проценки, во него ќе работат околу 400 луѓе.
