Економија, финансии, бизнис

Контакт

Илјадници луѓе во Македонија не бараат работа – кои се причините?

Илјадници луѓе во Македонија не бараат работа – кои се причините?

Над 700.000 луѓе во земјава лани не барале работа од различни причини, некои поради мајчинство, некои поради нарушено здравје, семејни причини, грижа за друго лице, влегување во пензија или сметаат дека нема слободни работни места. Меѓу нив доминираат жените.

Во Македонија според податоците на Државниот завод за статистика(ДЗС) лани работа не барале 721.010 луѓе.  Мажи се 283.344, а жени се 437.666 луѓе.

Од нив 436.163 се од урбана средина, а од рурална средина се 284.847 луѓе. Сепак, за луѓето кои немаат здравствени пречки се советува да бидат активни, да работат, да придонесуваат за себеси и за општеството, и да се стремат кон обезбедување на сигурно работно место, а не повремен ангажман.

„Дефинитивно, институциите би им помогнале со кариерна ориентација, таа алка во општеството треба да е појака и кога ќе се пријават како невработени, да им помогнат, да ги насочат кои вештини ги имаат. Треба да се угледаме на другите нации и на нивните работни навики. Голем дел од населението го има тој став „барај работа, за да не работиш“. Луѓето треба активно да се вклучат на пазарот на труд, да се поажурни и да се вложуваат на работното место кое што им е доделено во рамки на нивните способности“, вели Ана Топенчарова-Коваческа, сертифицирана кариерна советничка.

Според ДЗС, 1.209 рекле дека чекаат да бидат повикани на претходната работа. Сезонска работа чекале 2.526 луѓе, а 24.109 не бараат работа поради болест. 


Понатаму, 7.548 се изјасниле дека не бараат работа поради инвалидност. Поради грижа за децата, работа не барале работа 20.157 луѓе, а 4.418 се грижат за друго возрасно неспособно лице и затоа не брзале да се вработат. Поради други лични и семејни причини, работа не барале 141.112 луѓе. Поради школување и обука, работа не барале 130.390 граѓани. Понатаму, 323.184 луѓе не барале работа поради пензионирање. Дека нема расположливи работни места рекле 27.211 луѓе.

„Можеби моментално во огласите нема сооветно работно место, какво што бара кандидатот, но ако постојано ги проверува огласите, за неколку месеци сигурно ќе најде позиција која одговара на неговите вештини.  Ако човек остане пасивен подолго време, ако не е активен на пазарот на трудот, времето го гази и потоа е тешко да се вклопи во нова работна средина. Познавам повеќе луѓе кои постојано се жалат дека за нив работа нема, но реално тие активно не бараат работа“, објаснува наша соговорничка која работи во приватен сектор.

Со години, бројката на македонски граѓани кои не барале работа се движела над 600.000.

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести