Економија, финансии, бизнис

Контакт

Илијевски од АСОМ: Повеќе од 500 милиони денари загуби во буџет ако државата не го озакони он-лајн обложувањето за спортските обложувалници

Илијевски од АСОМ: Повеќе од 500 милиони денари загуби во буџет ако државата не го озакони он-лајн обложувањето за спортските обложувалници

За шест месеци откако е донесена уредбата само од услугата он-лајн обложување државата инкасирала 100 милиони денари, вели за Фактор Васко Илијевски, претседателот на Асоцијацијата на спортски обложувалници АСОМ. Тој е дециден дека поради тоа е неразбирливо зошто воопшто се случи државата, во услови на економска дестабилизација да не ја продолжи можноста, лиценцираните обложувалници да нудат спортско он-лајн обложување. Оваа услуга е невозможна од ноќеска на полноќ, кога се изгасија сервисите на македонските лиценцирани обложувалници кои нудат он-лајн спортско обложување. Илијевски вели дека и покрај апелите на Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) уредбата да се преточи во трајно законско решение, аргументите и придобивките во буџетот кои ги изнесе Асоцијацијата, Владата до денес, не најде правен механизам како да одговори позитивно на барањето.

„За овие 6 месеци откако е донесена уредбата, само  од оваа услуга државата инкасирала повеќе од 100 милиони денари. Притоа, зборуваме за критични месеци, во тешка година кога државната економија е силно погодена од ковид кризата. Во вакви услови, очекувавме дека Владата ќе биде таа која ќе делува проактивно и ќе го озакони ова решение кое во пракса покажува одлични резлутати, и од здравствен аспект, но и од аспект на придобивките во државниот буџет и за вработените. За жал, Владата за шест месеци на штета на сите чинители не најде соодветен начин да ја имплементира уредбата во Законот за игри на среќа и забавните игри, вели Илијевски и додава дека се уште може да се делува.

Асоцијацијата до Владата и Министерството за финансии веќе достави и предлог текст за имплементирање на Уредбата во Законот за игри на среќа и забавните игри.

Инаку, според проекциите кои ги направила Асоцијацијата, озаконувањето на он-лајн обложувањето преку македонските лиценцирани обложувалници на годишно ниво ќе значи помеѓу 500 и 600 милиони денари во државниот буџет или на месечно ниво околу 10 милиони од 4 отсто посебна давачка и 30 милиони денари од 15 проценти данок на личен доход.  Сега овие средства ќе се одлеваат надвор од државата, смета Илијевски и додава дека дополнително преку вложување во маркетинг на националните медиуми, спортските обложувалници би придонеле повеќе од 500 илјади евра во економијата.

„Државата ја прекина услугата токму кога играчите почнаа да ја користат. Ако во најкус можен рок не се најде правно решение тоа ќе ги врати играчите на странските сајтови, што да потсетам согласно член 19 од Законот за игри на среќа е нелегално и ваквиот начин не гарантира никаква безбедност во однос на уплатите и исплатите.  Од друга страна, он-лајн обложувањето на сајтовите на домашните обложувалници се покажа како безбедно, сигурно и едноставно. Државата има целосно контрола над обложувањето, а средствата од даноците, наместо да се одлеваат надвор, се слеваат во државната каса, вели Илијевски

Тој посочува дека во април кога е донесена уредбата, за да почнат со он-лајн обложување, спортските обложувалници инвестирале средства за развој на софтвер, хардвер, маркетинг, но и вработиле луѓе за одржување на платформите.

„Од оваа перспектива се покажува дека ова биле залудни вложувања, а зборуваме за време кога како држава интензивно работиме на развој на е-трговијата и унапредување на дигитализацијата.- вели Илијевски и нагласува дека наместо државата да ги охрабри овие инвестиции и да ги поддржи бизнисите кои придонесуваат кон овие цели, државата ја прекинува услугата он-лајн спортско обложување.

Инаку, во денешното соопштение на Асоцијацијата на е-трговија се наведува дека според податоците на НБРСМ за месец септември, приредувачите на интернет игри на среќа кои добиле одобрение за он-лајн обложување учествуваат со околу 8 отсто или речиси една десетина во вкупната вредност која граѓаните ја реализирале кон домашни е-трговци.

„Оваа индустрија значително влијае кон развојот на е-трговијата во нашата земја, кон зголемување на дигиталните плаќања, а со тоа и директно придонесува кон зголемување на вредноста во е-трговијата кон домашни е-трговци. Дополнително, има значително влијае и врз зголемувањето на дигиталните вештини на корисниците на нивните услуги, кои се потребни за учество во он-лајн купување, а кои според аназлизата за е-трговија во Македонија, се главна пречка за раст и развој на домашните е-трговци, вели тој. 


Слично

Поврзани вести