Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИЛИЈА ЈОВАНОВИЌ: никој не смее да се пазари за гласот на домските деца!

ИЛИЈА ЈОВАНОВИЌ: никој не смее да се пазари за гласот на домските деца!
“Никој не смее да се пазари со уставно загарантираното право на глас на децата без родители. Тие се со идентични судбини и сакаат достоинствен живот, а не политички манипулации”-порачува претседателот и основач на здружението “Иднина”, Илија Јовановиќ. Тој за Фактор вели дека  е зачуден и  запрепастен од разговорот на директорката на домот за деца без родители “11 Октомври”- Ристенка Атанасова и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, во кој се споменуваат младинците кои треба да гласаат и како да се стигне до нивниот глас и адреса. За него е нејасно и несфатливо како може да се прават договори во нивно име. Тој денеска пред домот за деца без родители од кој и самиот излегол пред околу десетина години ќе побара јавно извинување од директорката Атанасова. Разочаран  е вели, од манипулациите и  желбата за власт, во која на децата се гледа само како на бројка и загарантирани изборни гласови. “Во разговорот  децидно се слуша договор за сигурни осум гласови и дополнителни за оние чии адреси треба да се најдат кои прво биле згрижени во дом, а потоа и за оние кои го напуштиле домот. Бев шокиран кога го чув моето име, како се пазареле,договарале и споменувале дека јас сум имал списоци од сите и од мене да ги бараат . Тоа многу ме повреди и лично ме понижи и мене и моето семејство. Барам извинување, но не само за себе туку и за сите деца без родители кои секогаш поминуваат низ емотивна болка и празнина”-вели Илија Јовановиќ. Тој додава дека досега сите партии кои биле на власт, министрите со кои соработувал поради проектите посветени за помош на овие деца,  знаат за неговата недвосмислена борба за подобрување на животот на младинците од домот и оние кои после 18-та година го напуштаат. Вели, оваа ранлива категорија несмее да се злоупотребува, бидејќи тие и онака секојдневно се борат со душевната болка, осаменоста и потребата од љубов и внимание. “Тие ниту ме известиле, ниту ми се јавиле , ниту знам дека се пазареле за гласовите на младинците и младинките околу гласањето. Досега можам отворено да кажам дека сум немал притисоци од ниедна власт или политичка партија бидејќи сите знаат за моите недвосмислени активности да им се помогне на децата со кои ја делиме истата судбина,но не за да не искористуваат. Не разбирам зошто се споменува моето име и зошто сакала  на овој начин директорката  да ме девалвира, бидејќи сите списоци, адреси на сите сегашни и поранешни штитеници, за тоа кој и како го напуштал домот  или згрижувачкото семејство ги имаат во Министерството  за труд и социјална политика. И јас и сите младинци бараме извинување и од министерот и од директорката кое ќе се однесува на сите генерации бидејќи на овој начин ни се нарушува честа, угледот и нашата иднина. Јавно ги прашувам со кое право сакале да направат договор и пазар за прибирање на сигурни гласови, до кога ќе прават вакви нечесни работи за свои лични интереси?”-додава Јовановиќ.  Ако не добие  извинување за неговиот нарушен углед и чест, Илија Јовановиќ вели дека ќе оди до крај и правдата ќе ја бара преку правните механизми на системот. “Ќе поднесам и тужба за клевета и нарушување на углед. Од мене лично неможеле никогаш да добијат списоци или да лобирам за некого бидејќи знаат дека не сум политички определен и неможам никогаш да одрабoтувам за туѓи интереси. Очекувам и барам оставка од директорката, бидејќи е очигледна злоупотребата на моралната, личната и службената должност од нејзина страна. На овој начин не смеат да се однесуваат директори и министри кои бескрупулозно го нарушуваат уставно загарантираното право за слободно гласање на избори како сите други граѓани.   На директорката на домот и е работа да менаџира со оваа институција, а не децата да се инволвираат за политички цели. На овие деца им треба љубов, внимание, топлина, грижа и поддршка, а не да им солат памет за кого и како да гласаат. Кај сме осудени на самотија од нашите биолошки родители кои не оставиле на милост и немилост, уште вакви работи ни требаат. Па споменуваат без срам да се обезбеди превоз за да стигнат да гласаат. Досега неколку пати сум барал прием во име на младинците од домот  и кај директорката и кај министерот да им ги кажам реално проблемите со кои се  соочуваат децата без родители. Прашувам зошто не ме примиле досега, туку се сеќаваат за нас за избори?”-потенцира Илија Јовановиќ. Според него, надлежните треба да се фокусираат како да го подобрат животот на младинците во домот и по излегувањето од него. Тој не ги занемарува ниту негира досегашните позитивни чекори за финансиска помош на децата без родители кои ќе излезат и ќе мораат сами да се снаоѓаат, вработувањето на дел од нив и решавање на стамбеното прашање. Но тоа, додава, не смее да се земе како лична или партиско-политичка придобивка, туку државна должност на секој кој ќе седне на одговорните позиции. Тоа е морална и професионална одговорност кон овие деца и логично е во една земја која се декларира за слободна и демократска да најде конкретни решенија за нивните реални животни проблеми. Овие деца, вели го заслужуваат тоа. “Тие треба да се фокусираат како децата ќе ја продолжат својата иднина откако ќе излезат од домот, кој ќе работи за нивна полесна социјализација, професионален и своевидно-родителски совет да се насочат на вистинскиот пат. Многупати дел од нив ги трошат тие 3000 евра кои ги добиваат од државата кога ќе излезат и потоа доаѓаат кај мене да бараат помош и подршка. Ова е реален проблем за кој досега никој сериозно не се зафатил ниту се заинтересирал. Дали сите нашле работа, каде како жиевеат? Еве причина повеќе да размислуваат, а не само за тоа како на избори да се добијат гласови. Апелирам до Владата, сите политички партии, министерства, директорите на домовите, институциите да не ги злоупотребуваат младинците и малдинките како гласачка машинерија туку да ги остават секој по свое убедување да донесе лична одлука кому ќе му го даде својот глас”-нагласува Јовановиќ од здружението Иднина. Зад него вели  стои долгогодишна работа за која  се определил и се посветил за помош на сите деца кои го поминале истиот животен но и трновит пат  и  прекрасно семејство кое го научило како да биде одговорен и да стои  зад своите хумани одлуки. Тој ја продолжува борбата преку здружението во кое секојдневно комуницира со своите како што ги нарекува “браќа и сестри” и порачува дека нема да дозволи манипулации кои ќе фрлат сенка на нивната заедничка болка, борба и судбина. С.Б.
Слично

Поврзани вести