Илчо Ѓорѓиоски пред да биде уапсен добил насад под закуп од државата
Поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоскји, добил 1,8 хектари (18.000 метри квадратни) насад за лешници во долината помеѓу Валандово и Гевгелија пред да биде објавена вчерашната информација дека е уапсен во истрага на Обвинителството, Управата за финансиска полиција и МВР.
Одобрувањето од страна на владата за склучување на договор за закуп на земјоделско земјиште со непосредна спогодба била донесена како одлука на седница на 2 јуни, а на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, му било наложено да го потпише во рок од 30 дена.
Во акцијата се приведени 12 лица, додека пет лица се недостапни на органите на прогонот. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција не го наведува идентитетот на осомничените. Дел од медиумите веќе објавија дека во акцијата е приведен поранешниот претседател на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски. Тој беше на чело на Фудбалската федерација на Македонија во перидот 2012 до 2018 година кога е сторено кривичното дело наведено во соопштението на Обвинителството.
Другиот осомничен поранешен претседател на ФФМ, според периодот на извршување на функцијата, но и по наводите на Обвинителството дека е веќе во притвор за друга постапка, е Муамед Сејдини.
Сејдини беше уапсен во април годинава под сомнение дека проневерил околу 700 000 евра, средства што Европската фудбалска организација (УЕФА) ѝ ги доделила на ФФМ за градежни работи на стадионот во Охрид. Инаку, според надлежното Обвинителство, по поднесената кривична пријава од Управата за финансиска полиција донесена е наредба со спроведување истражна постапка против 18 физички и осум правни лица, односно фирми. За двајцата поранешни поранешни претседатели на ФФМ, постои основано сомневање дека сториле кривично дело проневера во службата
Името на Ѓорѓиоски, со години се поврзува во јавноста со поранешниот премиер Никола Груевски. Причината за тоа, според медиумски извештаи, е нивното долгогодишно пријателство кое датира од детството поминато во скопската населба Ѓорче Петров.
Ѓорѓиоски, поранешен фудбалер и тренер, во 2012 година беше избран за претседател на ФФМ и на таа функција остана до 2018 година. Во текот на неговиот мандат, дел од медиумите и критичарите тврдеа дека неговата близина со тогашната владејачка структура предводена од Груевски му помогнала во подемот во македонскиот фудбал, иако за таквите тврдења никогаш не беа презентирани официјални докази.
Во јавноста често се споменуваше дека двајцата потекнуваат од истото маало во Ѓорче Петров и дека останале во добри односи и откако нивните кариери тргнале во различни насоки – едниот во политиката, а другиот во спортот.
А.К.