Економија, финансии, бизнис

Контакт

Игор Панчевски, експерт за енергетска ефикасност: Со „болни“ решенија против загадениот воздух

Игор Панчевски, експерт за енергетска ефикасност:  Со „болни“ решенија против загадениот воздух

Игор Панчевски е најпознатиот експерт за енергетска ефикасност и развива и работи на проекти финансирани од Европската Унија, ЕБОР, ГИЗ, УНДП и други донатори. Соработува со општините и развива стратегии за финансирање и унапредување на енергетската ефикасност, програми за енергетска ефикасност, акциони планови и помага во градењето на капацитетите на локално и општинско ниво. Тој е тренер во процесот на сертифицирање на енергетски конторолори и едукатор за софтверски алатки за анализа и управување со енергија. Вели дека преку добри мерки за ефикасно затоплување ќе се намали загадувањето на воздухот, кој уште во октомври е неминовен по градовите со настапувањето на грејната сезона. Негов став е дека за подобри резултати се потребни неколку години, но само ако се превземат „болни“ решенија, а не „популистички“.

Кои се најголемите извори на загадување на воздухот за време на грејната сезона?

Причината за загадавувањето за време на грејната сезона, поточно во зимските месеци варира во зависност од градот и неговата локација и инфраструктура. Сепак, еден од клучните извори на загадувачки супстанци ПМ10 и ПМ2.5 во воздухот кој е заеднички за повеќето градови е загревањето во домаќинставата со огревно дрво. Ова загревање најчесто се прави со печки и котли со многу мала ефикасност па како резултат имаме осободување на поголеми количини загадувачки супстанци. Како втор извор по големина на загадување е сообраќајаот, стариот и несоодветно одржуван возен парк и недеволно развиениот јавен транспорт. Овие два извори заедно сочинуваат преку 50% од емисиите на ПМ10 и ПМ2.5 за време на грејната сезона. Добро се знае од каде доаѓа загадувањето, и потребни се ефикасни прописи и работа на терен. Со популистичко гледање на работите и избегнување на болни решенија за да не се изгубат политички поени ситуацијата ќе остане иста. Почист воздух очекувам дури по неколку години но само ако има „радикални“ мерки. Граѓаните ќе им дадат отпор на почеток, но по подолг период ќе речат дека се покажале како добри.

Со какви интервенции и регулатива централните и локални власти може да придонесат за истиот проблем да се намали и да се доведе во нормални рамки?

Па знаејќи ги најголемите извори на загадување, мерките сами по се себе произлегуваат. Македонија може да искористи одлични примери на сет од мерки кои се применуваат во останатите европски градови, но и преку мрежите како Повелбата на градоначалниците (Covenant of Mayors). Решавањето се прави преку добро дефинирана Зелена стратегија за чист воздух. Националната и локалната власт да водат со примери преку замена на целиот јавен возен парк со електрични возила или возила на водород. Олеснување и субвенционирање на електричните возила. Промоција, поддршка и сериозна имплементација на користење на алтернативен транспорт. Формирање на фонд за енергетска ефикасност и други континуирани програми за обнова на старите згради и куќи, заедно со поставување на високо ефикасни уреди за затоплување. И на крај една одлична мерка која секаде дава одлични резултати е формирањето на локални топлани на биомаса или гас за воспоставување на централно греење во помали региони или населби. 

Како може домаќинствата да ја намалат загаденоста, а истовремено тоа да биде економски исплатливо за нив?

Домаќинставата може да допринесат во намалување на загаденоста преку мерки кои ќе им овозможат што помалку да трошат енергенси за загревање на своите домови. Добрата топлинска изолација на домот е првото и најдоброта интервенција што треба секое домаќинство да ја направи. Потоа следува промената на старите и неефикасни прозори, и на крај замена на уредите со кои го греат домот и санитарната вода со високо енергетско ефикасни уреди. Вакви уреди претставуваат топлинските пумпи, котлите на пелети, котлите на гас и сончевите колектори за топла вода. Сите овие мерки се економски исплатливи за секое домаќинство и ќе овозможат да имаат топол дом и комфор, а истовремено да трошат многу малку за неговото загревање. Преку малата потреба за загревање на домот и загадувањето драстично ќе се намали.

Кои се субвенциите и проектите на ЕБОР и каков е придонесот на банката во борбата против загадувањето?Колку физички и правни лица досега ги искористиле поволностите кои се нудат и каков ефект се очекува од доделените средства?

ЕБОР во Македонија започна програма ГЕФФ која ги подржува физичките лица и нивните домаќинства за примена на мерки за енергетска ефикасност и употреба на обновливи извори на енергија. Програмата ги поддржува сите физичка лица кои ќе ивестираат во некоја мерка за енергетска ефикасност со повраток на средства до 20% од купената технологија и инсталацијата. ГЕФФ програмата поддржува 12 мерки за енергетска ефикасност, меѓу кои: изолација на објектите, промена на прозори и врати, греење на пелети, ладење и греење преку топлински пумпи, сончеви колектори за топла вода и производство на електрична енергија, осветлување, вентилација и др. Програмата во Македонија има обезбедено 8 милиони евра, а до сега се потрошени околу 1 милион, и истата ќе трае до 2021 година.

Гасификацијата е во тек, но се уште нема мрежни приклучоци на домаќинствата по градовите (Во Скопје се очекуваат првите да бидат следната зима). Долгорочно, кои ќе бидат придобивките од оваа инвестиција?

Несомнено е дека гасификацијата на домаќинствата ќе донесе поголем број на придобивки. Бројот на приклучоци нормално дека ќе зависи и од цената на самиот приклучок но и од цената на самиот гас. Сепак, на гасот треба да се гледа како една сериозна алтернатива за загревање на домаќинствата и формирање на локални топлани за централно греење. Ова ќе овозможи многу домаќиства да ги заменат своите стари печки со печки на гас. Гасот сам по себе е многу чист енергенс кој при согорувањето има многу мала емисија на гасови и ПМ честици. Освен тоа, воведувањето на гасот во домаќинставата се надеваме дека ќе даде голем ефект во обесшумувањето и нелегалната сеча за огревно дрво. Дополнително, гасот ќе овозможи намалена потреба од електрична енергија, со што се растеретува електроенергетскиот систем во Македонија и се намалува потребата за скапиот увоз на електрична енергија. Во светот, на гасот се гледа како преодно алтернативно решение, се додека не се успее поголемиот дел од произведената електрична енергија да доаѓа од обновливите извори на енергија.

Во моментов како ја оценуваш изолацијата и енергетската ефикасност на новоизградените јавни и приватни објекти?

Во Македонија веќе постои правна рамка во која новите објекти, приватни и јавни мора да бидат енергетско ефикасни. Иако оваа правна рамка, според мене има благи креитериуми во однос на енергетската ефикасност, сепак таа се спроведува и објектите се добро изолирани. И покрај добрата изолација, денес во новите објекти станирите повторно плаќаат повисоки сметки за греење од што би требало. Од мое лично искуство, во најголемиот дел од зградите системот за греење не е оптимизиран (поголем број на радијатори) и се случува прегревање на становите со температури од 25-26 степени. Ова прегревање ги тера станарите да се олдаат, со што ќе отворат прозор или врата, па се овозможува формирање на кондезација по ѕидовите, а потоа и мувла. На овој проблем мора да се дејствува од сите страни, преку градежните фирми, институциите и проектантите за да на крај им се овозможи на станарите кои ќе живеат во енергетско ефикасен дом да ги почуствуваат благодетите преку помали сметки и добар комфор.

Александар Кузмановски


Слично

Поврзани вести