Игнорирањето само го зголемува револтот кај студентите
Владата треба да биде горда што има младина која и нуди конкретни барања и токму поради тоа треба да отвори дијалог за реформите во образованието и да не ги игнорира барањата на студентите, бидејќи во спротивно тие повторно ќе излезат на протест и ќе ја бојкотираат наставата.
Ова денеска го истакнаа претставниците од Студентскиот пленум од каде категорично кажаа „НЕ“ за дискусија околу техничките прашања за државен испит.
„Одбиваме да дискутираме за реформи во образованието кои Владата ги наметнува н ваков инвазивен и недемократски начин. Остануваме категорично против мерката државен испит и нема да дискутираме за подобрување на високото образование се додека тоа не биде повлечено, бидејќи се коси со принципите на универзитетот како институција. Автономијата на универзитетите не е само апстрактен поим заборавен во словото на Уставот, туку е суштината на слободниот развој на критичката мисла“, се вели во соопштението од Студентскиот пленум објавено на нивната „Фејбук“ страна.
Од таму велат дека со игнорирање власта ќе предизвика уште поголемо незадоволство и уште поголем револт кај студентите доколку министерството и понатаму остане немо за нивната аргументација.
„ Министерството остана немо на нашата аргументација и иако беше исратено барање до универзитетите за мислење околу испитот и факултетите го отфрлаат. И покрај тоа ги игнорираа нашите и ставовите на професорите. Уште поиронично е што донесоа нови пет измени за образованието без да ги консултираат најзасегнатите страни, кои не се прашани. Апелираме засегнатите да се изјаснат, бидејќи не може вакви измени да се направат без дијалог. За државниот испит, јасно е дека Владата сака да го тестира квалитетот на образованието со квантитативен метод. Со игнорантскиот однос не приморуваат да преземаме вонинституционални мерки“, вели Христијан Давидовиќ од Студентскиот пленум.
Според студентите потребни се содржајни решенија кои ќе ги задржат младите во оваа држава.
Студентите побараа и јавна поддршка од претседателот Ѓорѓе Иванов, кој според нив треба да ги разбере нивните барања, бидејќи пред се е професор.
Слично
