Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИФЕКС: Затворската казна за Кежаровски е скандалозна

ИФЕКС: Затворската казна за Кежаровски е скандалозна
ИФЕКС (Глобална мрежа за одбрана и промовирање на слободата на изразувањето) дава јавна поддршка на барањето на македонскиот Иницијативен одбор за ослободување на Кежаровски, во соопштение со наслов "Македонски новинар добива невидена затворска казна". Нова го пренесува соопштението во целост: -Томислав Кежаровски беше осуден на четири и-пол години затвор за статии со кои го откри името на сведокот под заштита во 2008 за случај за убиство. Според претходно известување од страна на Репортери без граници (РСФ), заштитениот сведок неодамна сведочеше дека тој дал всушност лажни докази против обвинетите убијци. Треба да се напомене дека Кежаровски ја водеше истрагата за смртта на еден колега новинар во времето на неговото апсење. Мрежата за професионализација на медиумите на Југоисточна Европа (кои припаѓаат на ИФЕКС) ја поддржува следнава изјава од страна на Иницијативниот одбор за ослободување на новинарот Томислав Кежаровски: -Пресудата на Основниот суд 1 во Скопје кој денеска го осуди новинарот Томислав Кежаровски на четири години и шест месеци затвор е скандалозна, со ништо непоткрепена и без преседан во европското правосудство, поради што претставува само уште една шајка во ковчегот на веќе погребаната слобода на изразување во Република Македонија. Иницијативниот одбор за ослободување на Кежаровски веруваше во свеста и совеста на судечките судии во Основниот суд 1 во Скопје дека му судат на новинар кој извршувајќи ја својата новинарска задача известувал за незаконски постапки на моќници од МВР и Дирекцијата за безбедност и контраразузнавање во случајот на убиството во с. Ореше. Внимателно ја следевме постапката во текот на која единствен доказ против Кежаровски беа двата објавени текста во магазинот „Репортер 92“, во ноември-декември 2008 година. Донесувајќи ја скандалозната пресуда, судот одбил да види од текстовите дека новинарот имал јасен и недвосмислен јавен интерес да ја информира јавноста оти полицијата мести лажен заштитен сведок против обвинетите во случајот на убиството во с. Ореше, особено што загрозениот сведок Златко Арсовски самиот се разоткри и призна оти бил уценет од полицијата да биде заштитен сведок. Судот ги игнорирал и фактите дека објавувајќи го записникот на сослушување, Кежаровски го објавил само името, а не и презимето на загрозениот сведок, од што никако не може да се открие неговиот идентитет. Судиите очигледно му подлегнале на сериозниот притисок и влијание од центрите на моќ, па не ги зеле предвид фактите туку само го препишале обвинителниот акт во пресудата дека Кежаровски сторил кривично дело оддавање идентитет на загрозен сведок. За ова сведочи и казната од четири години и шест месеци затвор за новинарот, што за вакво кривично дело е драстична санкција незабележана во европското правосудство. Дури во случаи пред Хашкиот трибунал за поранешна Југославија, новинари кои оддаваа идентитет односно објавуваа цела листа заштитени сведоци во судења за геноцид и масовни убиства беа осудени на 3 или 6 месечни затворски казни. Ваквата неразумна пресуда и драконска казна претставува конечна пресметка со слободата на медиумите, слободата на јавното изразување и директна порака до македонските новинари кои ќе се дрзнат да истражуваат и пишуваат за злоупотребите на власта и моќта - дека ги чекаат сигурни решетки. Се надеваме дека оваа срамна пресуда ќе ја разбуди свеста на демократската и слободарска јавност во Македонија од која очекуваме поддршка со заеднички акции да ја вразумиме судската и политичката власт во Македонија, се вели во соопштението на македонскиот Иницијативен одбор за ослободување на Кежаровски, кој добива целосна поддршка од ИФЕКС (Глобална мрежа за одбрана и промовирање на слободата на изразувањето).
Слично

Поврзани вести