Идните македонски пензионери заштедиле 435 милиони евра за 8 години!
Во двата приватни задолжителни пензиски фонда штедат повеќе од 350.000 Македонци, а лани двата фонда собрале над 66 милиони евра од придонесите на вработените Македонци
Повеќе од 350.000 Македонци, идни пензионери, заштедиле 435 милиони евра, до крајот на 2013 година во двата приватни фонда за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување (вториот пензиски столб), покажуваат официјалните податоци на МАПАС (Агенција за супервизија на задолжително капитално финансирано осигурување).
Од почетокот на пензиската реформа во 2002 година и од првите уплати во 2006 година, до крајот на 2013 година во фондовите за приватните компании што управуваат со отворените фондови на идните пезнионери „НЛБ Нов пензиски фонд“ и „КБ Прво пензиско друштво“ собрале 435 милиони евра – пари вложени од сите 350.000 вработени Македонци кои во согласност со законските норми се обврзани да вложуваат дел од пензискиот придонес и во задолжителниот втор пензиски столб. Нивните пари, како заштеда за идните пензии, ги управауваат двете пензиски друштва. „КБ Прво пензиско друштво“, согласно со официјалните податоци на МАПАС, управува 54 отсто од сите средства наспрема друштвото „НЛБ Нов пензиски фонд“ кое упрвува со 46 отсто од сите вложени средства од почетокот на реформата досега.
Според официјаните податоци од годишниот извештај за 2013 година на МАПАС во таа година во двете друштва биле уплатени 4,1 милијарди денари (66,4 милиони евра) од кои во „КБ Прво пензиско друштво“ се уплатени 2,17 милијарди денари милијарди денари (околу 35,3 милион евра), а во „НЛБ Нов пензиски фонд“ по основ на придонеси за пензиско осигурување се уплатени 1,92 милијарди денари (над 31 милиони евра). На контата на идните пензионери кои се членови на „КБ Прво пензиско друштво“ на крајот на 2013 година имало 159 милиони денари повеќе од крајот на 2012 година, а кај пензискиот фонд на НЛБ Тутунска банка тој износ е за 139 милиони денари поголем од износот што бил уплатен во текот на 2012 година. Растот на придонесите и во двата фонда се должи на парите што пристигнуваат во фондот од нововработените лица во текот на 2013 година. Според официјалните податоци на МАПАС бројот на нови членови во двете друштва кои управуваат со пензиските фондови на крајот на 2013 година е поголем за 26.560 лица во споредба со нивниот број на крајот на 2012 година. Тоа се нововработени лица во 2013 година.
Според податоците на МАПАС двете друштва од вториот задолжителен пензиски столб се многу значајни компании ако се анализира според обемот на средства со кои располагаат нивните менаџерски тимови кои се специјализирани за вложување и оплодување на парите на идните македонски пензионери.
Официјалните податоци на МАПАС покажуваат дека фондот што го води Комерцијална банка „КБ прво пензиско друштво“ на крајот на 2013 година има нето средства во износ од 14,35 милијарди денари, а тој е зголемен за 3 милијарди денари во споредба со состојба на 31.12.2012 година. Кај фондот на НЛБ Тутунска банка состојбата за нето средства на 31.12.2012 е 9.77 милијарди денари и е зголемена за 2,7 милијарди денари на 12,45 милијарди денари на 31.12.2013 година.
Во друштвото „НЛБ Нов пензиски фонд“ сопственици се: словенечка „Нова Љубљанска банка“ со 51 отсто и нашата НЛБ Тутунска банка со 49 отсто. Кај „КБ Прво пензиско друштво“ сопственици се: „Скупина прва заваровални пензиски холдинг“ од Словенија со 51 отсто и „Комерцијална банка“ со 49 отсто.
Р.Ф.
Слично
