Економија, финансии, бизнис

Контакт

Иднината на ФЕНИ ќе се решава преку СТЕЧАЈ

Иднината на ФЕНИ ќе се решава преку СТЕЧАЈ

Судот во Велес по денешното одржано рочиште донесе одлука да започне со поведување на стечајна постапка за гарантирање дека долговите кон доверителите кои вкупно изнесуваат 60 милиони евра ќе бидат подмирени од имотот и средствата на кавадаречкиот комбинат за фероникел. 

За стечаен управник е назначен Мирослав Анастасиевски кој ја водеше и предстечајната постапка. Судот ги повика доверителите во рок од 15 дена од објавата во Службен весник на Република Македонија да ги пријават побарувањата, а ги повика и должниците на ФЕНИ да го подмират долгот кај стечајниот управник. Инаку ФЕНИ нема поднесено завршна сметка за 2016 година во Централниот регистар за што ќе следи соодветна процедура од страна на државните органи. Судот донесе и одлука за испитно рочиште кое е закажано на 11 јануари следната година.

Понудата која бугарската компанија Енекод ја достави за преземање на ФЕНИ беше одбиена со образложение дека не може да се исполни еден од главните предуслови, а тоа е префрлање на пари за неисплатените плати на вработените, без оглед на висината на формалната понуда. 

Исто така не е прифатено ниту барањето на Енекод да биде изземен судијата во постапката бидејќи според нив не биле исполнети ниту едно од нивните барања па обвинија за пристрасност. 

За прогласувањето на стечај најмногу се противеа дел од работниците на ФЕНИ кои сметаат дека со започнување на правните процедури ќе се изгуби премногу време, а тие и натаму ќе останат без редовните примања што ја загрозува егзистенцијата. 

Кон Комерцијална банка, Стопанска банка АД Скопје и Силк Роуд Банка, досега ФЕНИ има генерирано 40 милиони евра долг за неисплатени кредити. Освен за покривање на овој долг, банките бараат идниот инвеститор на ФЕНИ да вложи сериозна сума на пари и за тековното работење на комбинатот, отплата на сите досегашни трошоци, како и средства за развој на компанијата. 

Во игра за преземање на ФЕНИ и натаму се повеќе интернационални компании кои може да ги обезбедат побаруваните средства и да приложат банкарска гаранција, како и квалитетен бизнис план за работа на комбинатот со оглед на тоа што долговите кон доверителите ќе се исплаќаат на подолг рок.

Слично

Поврзани вести