Економија, финансии, бизнис

Контакт

Ида Протуѓер, Граѓански: Кризата има суштинска политичка, а не економска природа!

Ида Протуѓер, Граѓански: Кризата има суштинска политичка, а не економска природа!
Буџетот е најважниот државен документ и не може да се нарече нормална ситуација ако тој не биде усвоен пред да започне фискалната година и не е добро тоа да се случува. Но, законот предвидува функционирање во „вонредни“ услови ако поради икс причини, буџетот не се донесе во предвидениот рок. Тој предвидува владата да троши една третина од вкупните расходи остварени во првото тримесечие претходната година што во основа значи дека ако не се усвои буџетот, владата ќе троши колку што трошела месечно годинава. Мислам дека сегашната криза не е поради судир на економски концепти, туку поради тоа што напролет треба да се одржат локални избори. Опозицијата ја научи лекцијата дека законот за финансирање на политичките партии може да се крши и никој да не одговора (ВМРО ДПМНЕ беше посочена како партија што го прекрши законот и немаше никаква санкција околу тоа). Никогаш јавниот обвинител не постапил по извештај на државниот ревизор и кога биле констатирани сериозни злоупотреби на јавни пари. Така, ништо не може да пружи гаранција дека институционалниот систем контролира и санкционира евентуална злоупотреба на парите на сите граѓани од страна на тој што управува со нив, а со тоа и да се исклучи дека тие пари не може да се искористат за теснопартиски цели, односно обезбедување гласови. Оттука, мислам дека судирот и кризата се од политичка, а не економска природа. Опозицијата сака да ја спречи власта да дојде до сите инструменти и пари на располагање за да ги искористи за добивање на изборите. Од друга страна, не мислам дека власта стравува дека ќе се оневозможи исплата на плати и други надоместоци затоа што ќе троши исто колку што трошела во првиот месец годинава. Проблемот го гледам на друга страна. Владата има лимит месечно да троши 197 милиони евра, а има нерешен проблем што самата го создаде - долговите кон стопанството. Првиот дел соопшти дека го платила во октомври, а вториот е најавен за во февруари, односно непосредно пред локалните избори. Бидејќи не јавно познат податокот за висината на долговите, не се знае ниту колку е исплатено, ниту колкав долг останува. Но се претпоставува дека со лимитот од 197 милиони евра колку што се доволни за плати, пензии, социјални надоместоци и тековни трошоци, нема да има голем „вишок“ на располагање. Оттука, без оглед на блокадата на кредитот од Светска банка, владата може без да го праша Парламентот да издаде државни записи дома или еврообврзница во странство. Но проблемот е законскиот лимит. Ако се знае дека стопанството е тоа кое дава донации за избори, може лесно владејачките партии да дојдат во ситуација да треба да бараат донации од тие на кои им должат. Од друга страна, иако министерот за финансии го знае законот дека пари за плати, пензии и тековни трошоци ќе има, алармира дека е тоа доведено во прашање. Тоа може да се толкува дека власта планира да ги искористи парите за расчистување со стопанството, а да одземе од некои други ставки за кои сега алармира дека се доведени во прашање. Инаку тврдењето на министерот дека во ситуација на неизвесност, банките немало да запишуваат државни записи (домашно задолжување кое треба да го надомести она што е планирано да се потроши над моќта што ја даваат приходите во буџетот) е неуверливо, бидејќи банките располагаат со доволно ликвидност, а стопанството е во многу поголема криза од владата и многу би им било посигурен пласманот во државни записи. Значи заклучокот е дека буџет мора да има, но ако политичката ситуација е таква што тоа го оневозможува, нема да биде доведена во прашање исплатата на плати, пензии и други тековни обврски, туку единствено долговите кон стопанството и корисно е за тоа да се најде решение затоа што компаниите се веќе погодени од криза, долговите од владата им се дополнителен проблем, а сега и тој се комплицира. Ида Протуѓер, Граѓански Фактор ќе ви ги претстави различните мислења на дел од македонските новинари во однос на случувањата околу Буџетот. За Фактор, пишуваат новинарските пера од повеќе македонски медиуми, секој со свој став за она што деновиве се случува во Собранието. Разноликоста на перцепциите и предвидувањата носат интересен поглед, а можеби и интересни солуции за излез од пат позицијата во која заглавија власта и опозицијата. Не мора да значи дека ставовите на новинарите ја одразуваат уредувачката политика на Фактор, но и сега и во иднина ќе правиме се овие ставови да бидат достапни за нашата читателската публика, како придонес во развојот на економската дебата.
Слично

Поврзани вести