И во Струга мрзнат ученици!
Учениците од неколку основни училишта во струшко од денеска ја бојкотираат наставата затоа што во нивните училипта нема греење и услови за нормален тек на образовниот процес.
На настава денеска не отидоа учениците од најголемото основно училиште во Струга „Јосип Броз Тито“, како и во училиштата во Мислешево и Враништа. Родителите се категорични - децата нема да ги пуштат на настава додека проблемот не се реши.
Одлуката ја донел Советот на родители, кој бара итно да се обезбеди нафта за греење на училиштата. Во изминатите неколку дена наставата се одвивала со скратени часови, а училниците се затоплувале со греалки.
Дел од училиштата, пак, критичниот период го поминуваат со греење на дрва. Од Општина Струга информираат дека тендерот за набавка на нафта е завршен и оти во текот на деновите нафтата ќе биде испорачана во училиштата со што наставниот процес може да започне.
За сличен проблем од почетокот на неделава се бојкотира наставата и во две училишта во Кичево. Градоначалникот призна дека нема пари да набави нафта за греење, па побара помош од државните институции.
Слично
