И ВМРО-НП поседува „бомби“, но против поранешниот лидер на опозицијата Црвенковски
„Народна партија е згрозена од мизерноста на начинот со кој политичките рекетари од СДСМ веќе по втор пат упатуваат јавна закана до претседателот на ВМРО-Народна партија, г-динот Љубчо Георгиевски, дека имаат негови компромитирачки разговори со луѓе од власта“, се вели во денешното соопштение до јавноста упатено од оваа партија.
ВМРО-Народна партија демантира дека СДСМ може да има компромитирачки материјали за претседателот на партијата, Љубчо Георгиевски, кои би можеле да бидат објавени во некоја следна „бомба“.
Од оваа партија јавно ја повика опозицијата и лидерот на СДСМ што поскоро да ги објават сите разговори што ги имаат од тој карактер, инсистирајќи на две работи:
– да се објават буквално сите разговори што Љубчо Георгиевски во континуитет почнувајќи од 2003 година па се денес, ги имал со било кои претставници од власта. Ве уверуваме дека ова нема да Ви одземе многу време и простор.
– исто така да се објават и датумите кога се правени овие разговори.
„ВМРО-Народна партија во некоја наредна фаза ќе прозбори за документите кои г-динот Зоран Верушевски му ги давал на Љубчо Георгиевски. Тоа се документи и афери кои се целосно против нивниот тогашен лидер г-динот Бранко Црвенковски. Но исто така сме спремни и со задоволство да ги прераскажеме содржините на голем број телефонски разговори помеѓу високи партиски функционери на СДСМ и новинари, кои г-динот Верушевски му ги пуштал на нашиот претседател да ги слуша изворно во неговиот стан во населба Аеродром“, велат од оваа партија.
Тие велат дека длабоко се уверени дека г-Верушевски повеќе од 20 години прислушувал луѓе од власта и од опозицијата и со тоа нивните судбини и професионални кариери ги ставал во заложништво на еден човек или потесна група на луѓе.
„На ваквата крајно недемократска пракса со која се повредуваат основните човекови права на граѓаните, сметаме дека конечно треба да и се стави крај во Р. Македонија“, стои во завршетокот на ВМРО НП.
