И црногорскиот туризам ќе ќари од нападите во Турција
По нападите во Турција, туристите бираат сигурни и безбедни дестинации за одмор, при што голем дел од оние кои планирале да летуваат во Турција, ќе се пренасочат во Црна Гора.
Оваа година драстично ќе опадне бројот на туристи во Турција, поради нападите во Истанбул и Анкара, вели Жељка Радак Кукавичиќ, директорка на Националната туристичка организација во Црна Гора.
„Според нашите информации, руските туристи кои се најдоминантни во Турција, во голем број ги откажале аранжманите, и се определуваат за дестинации како Шпанија, Грција, Хрватска и нормално Црна Гора. Новите летови и раното букирање одат во прилог на нашите очекувања дека ќе имаме добар туристички раст и промет“ - вели таа.
Радак Кукавичиќ објаснува дека со промоции, поволни цени и добри услови и услуги настојуваат да создадат добар туристички имиџ. Црна Гора како туристичка дестинација ја промовирале во Москва, Белград, Баку, Виена, Киев, Берлин и на многу други места каде се одржуваат саеми.
Со роуд шоуа ќе се претстават во сите поголеми градови во регионот, со акцент на Србија и БИХ.
