Економија, финансии, бизнис

Контакт

И тоа го има! Не собраа кворум за 25 денари дивиденда, доста ли им се 5 денари по акција?

И тоа го има! Не собраа кворум за 25 денари дивиденда, доста ли им се 5 денари по акција?

Најголемиот акционер во „Стопанска банка Скопје“ понуди решение за долгогодишниот спор со мнозинството сопственици на приоритетни акции. Предлогот е наместо 5 денари дивиденда како што е сега, да добиваат фиксно годишно 25 денари за акција. Нема кворум – беше одговорот на предлогот

Продолжува сагата околу приоритетните акции во „Стопанска банка Скопје“ и почнува да заличува на „турска серија“. Официјално оваа банка соопшти дека мнозинството сопственици на приоритетни акции во „Стопанска банка Скопје“ не се појавиле да гласаат за предлогот со кој нивната дивиденда требаше да се зголеми од 5 на 25 денари фиксно.

Според официјалната информација достапна на веб порталот на Македонската берза за хартии од вредност пред ставање на одлуката за гласање нотарот утврдил дека на собранието се присутни иматели на помалку од 9.000 приоритетни акции, а за да може да се гласа таа точка било потребно присуство на сопственици или полномошници кои имаат најмалку 113.723 приоритетни акции. Целата информација е достапна на следниот линк SEI Net V2

Врз основа на тоа што е констатирано дека нема кворум предлогот воопшто и не бил ставен на гласање на акционерското собрание. Со тоа барем засега пропадна обидот да се реши овој неколкугодишен спор меѓу сопственици на приоритетни акции и мнозинскиот сопственик на обични акции во „Стопанска банка Скопје“.

Спорот настана кога група сопственици на приоритетни акции во таа банка побара конверзија на сите приоритетни акции во обични акции и при тоа соодносот на конверзија да биде 1 приоритетна за 2 обични акции. Основот за ова го црпеа од трансформацијата на банката во акционерско друштво кога номиналната вредност на приоритетните акции била впишана како двојно повисока од таа на обичните акции. Предлогот, очекувано, не беше прифатен од доминантниот сопственик на обичните акции, па тоа отвори некои фронтови на легалистичко надмудрување. По неколкугодишни перипетии пред еден месец дојде предлог дивидендата за приоритетните да се зголеми за 5 пати и да се фиксира на 25 денари. Епилогот го видовме - нема кворум од тие што се директно засегнати затоа што се сопственици на приоритетни акции.

На истото акционерско собрание беше усвоен предлогот да се дели дивиденда на приоритетните акции, по старо како претходните години. Сите сопственици на приоритетни акции ќе добијат по 5 денари бруто дивиденда односно 4,5 денари нето износ по одбивка на персоналец и данок на задршка. 

Р.Ф.

Слично

Поврзани вести