И Тачи преговара за место во Владата?
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски попладнево во владата остварил средба и со лидерот на ДПА Мендух Тачи, објавува „Дневник“.
Според партиски извори, Тачи на Груевски му се пожалил за изборни нерегуларности од страна на ДУИ.
Двајцата разговарале и за новата владина коалиција, при што Тачи нагласил дека ДПА е подготвена да ја поддржи новата Влада без оглед дали неговата партија ќе биде дел од извршната власт, пишува „Дневник“.
За оваа средба засега нема официјално двострано соопштение какво што објавија ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ по средбата на Груевски и Ахмети, на која двајцата лидери се договорија да формираат работни групи за преговорите за новиот владин состав.
Сепак, дел од албанските медиуми во Македонија, повикувајќи се исто така на партиски извори, веќе објавуваат дека ДПА ќе обезбеди место во новата Влада. Весникот „Лајм“ дури и го споменува Тачи како следен вицепремиер и министер за внатрешни работи, додека поранешната кандидатка за претседател Мируше Хоџа ја споменува како најсериозен кандидат да го води Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор или Секретаријатот за евроинтеграции.
Слично
