И Студентите од Битола и Струмица најавија дека ќе го поддржат протестот во петок
Студентскиот пленум во петок најави дека студентите најмасовно и најгласно до сега ќе кажат „НЕ“ против воведувањето на државниот испит на факултетите и против новите законски измени во образованието.
Протестот треба да започне во 14 часот но наместо од досегашното збирно место кај платото на УКИМ овој пат студентите својот револт прво ќе го изразат пред Владата.
Ваквата одлука доаѓа по целосното игнорирање на Студентскиот пленум и на самите универзитети, немањето можност за одржување на јавна дебата по повод државниот испит или екстерното тестирање.
Поддршката за студентите стига од сите страни, како од земјава така и надвор од неа.
Во борбата против законските измени во образованиет ќе се приклучат и студентите од Битола и Струмица кои ги повикаа сите граѓани, студенти, професори, родители, средношколци и пензионери кои сакаат да го искажат своето незадоволство и несогласност против овој монолог на власта и екстерното тестирање и да се приклучат во нивната борба.
„Сакаме да ги повикаме и тие што се уште се двоумат и тие што мислат дека не треба да дојдат затоа што тоа е право на секој граѓанин, на секој студент, средношколец, родител. Овој протест како и минатите е мирен, ненасилен, не е против некоја партија, туку против лошите реформи за кои треба да се разговара и студентите треба да бидат прашани, бидејќи сите ние студенти имаме општествена одговорност за образованието, посебно за автономијата на универзитетите, со која со новиот закон за државен испит е разрушена’, велат студентите од штипскиот универзитет „Гоце Делчев“ во Струмица.
Поддршка на протестот најавија и студентите од Битола.
„Битолските студенти се придружуваат на студентскиот протест во петок. Зборно место е Технички факултет во Битола, а почетокот на протестотот на студентите, средношколците, работниците, но и родители и професорки е најавен во 14 часот. Образованието низ годините се трансформираше во фабрика, во која што ние пополнуваме квоти и норми, трчајќи од еден до друг шалтер, мотајќи се низ лавиринтите на бирократијата – од уплатница, до уплатница. На партиските структури не им одговара квалитетно образование. За нив сме бројки и индекси што треба да потклекнат на догматизмот како идни послушници и полтрони. Секој што размислува критички – го стигматизираат и етикетираат како неподобен. Нè научија дека „наведната глава – сабја не сече“ и се влечкавме како мекотели по ходниците од факултетите и училиштата. Редно е да ги исправиме главите и да се избориме за нашето утре!“, посочуваат од Студентскиот пленум на УКЛО.
Студентите претходно излегоа на два протести. Првиот беше на 17 ноември, кога на изненадување на сите се собраа околу 3.000 студенти, додека вториот протест беше на 10 декември, каде се собраа околу 10.000 студенти. Меѓутоа, и тоа не го поколеба државниот врв на владина седница уште еднаш да го поддржи воведувањето на државен испит на факултетите.
Слично
