И студентите ќе полагаат екстерни тестови!
На крајот од втора и четврта година од студиите, сите студенти и на приватните и на државните универзитети ќе мора да полагаат државен испит. Министерството за образование ќе го менува Законот за високо образование за практично концептот на екстерно тестирање да го воведе и на факултетите.
Министерот Абдилаќим Адеми очекува на овој начин да се унифицира знаењето и дипломите добиени и на државните и на приватните универзитети. Доколку не ги положат испитите, студентите нема да можат да го продолжат школувањето и да земат диплома.
„Испитот ќе се спроведува двапати – првиот кога ќе завршат втора година и ќе имаат прашања од сите предмети кои дотогаш ги полагале, и по четврта година со басен прашања од трета и четврта година. Со ова сакаме да изградиме механизми за следење на квалитетот на високото образование и механизми, со кои диплома ќе добиваат само оние кои заслужиле и високото образование да не се сфаќа како бизнис, туку како наука“, вели Адеми.
Ќе се формира посебно тело кое ќе го спроведува испитот, иако не се исклучува тоа да го прави Државниот испитен центар.
Од идната студиска година и странските студенти ќе полагаат приемен испит за упис на факултет. Се поголемиот број студенти од странство кои сакаат да студираат кај нас биле пресудни за воведување на овие построги критериуми за упис.
Слично
