И СТРАНСКИ ИНВЕСТИТОРИ СЕ ИЗВИСЕНИ ОД СНАБДУВАЧОТ НА СТРУЈА - дали слободниот пазар значи дека склучените договори не треба да се почитуваат
И големи странски компании што работат во земјава имаат проблем со раскинување на договорите за снабдување со електрична енергија, и тоа од истиот добавувач за кој веќе пишуваше Фактор. Со целата оваа ситуација е запознаена и Регулаторната комисија за енергетика, но нејзиниот претседател Марко Бислимовски вели дека нема ингеренции на овие дрски снабдувачи да им изрече казни, бидејќи тоа не му го дозволува Законот за енергетика.
Како што веќе пишувавме, со проблемот се соочуваат повеќе домашни компании, на кои овој снабдувач „од чиста мира“ им ги раскинува договорите за снабдување, иако тие се склучени на период од една година, а домашните институции, барем како што сега велат, се немоќни да му застанат на патот на ваквото самоволие.
Овие непријатни „новогодишни честитки“ деновиве почнале да ги добиваат и реномирани странски инвеститори во земјава, со тоа што снабдувачот не само што дрско ги известува дека им го раскинува договорот, туку и ги условува дека доколку сакаат да склучат нов договор, тоа може да се случи само по тековната берзанска цена, која се менува од час во час, плус одредени трошоци.
Ова е вистински финансиски удар врз компаниите, бидејќи нивниот трошок за струја кој има голем удел во цената за чинење, сега неколкукратно се зголемува, што ги доведува во прашање нивните финансики резултати. Односно, тие овој зголемен трошок на некаков начин ќе мора да го апсорбираат, или преку зголемување на цените, што лошо ќе се одрази врз односите со клиентите, или преку намалување на својата добивка, а можно е да влезат и во зоната на негативата.
Фактор стапи во контакт со една позната странска компанија што работи во земјава, која на средината на годинава имала склучено договор со истиот снабдувач на струја, исто така на период од една година, што значи дека договорот требало да заврши се до срединатга на идната година. Цената која била предвидена во договорот изнесувала околу 70 евра за мегаватчас. Но, деновиве и овој странски инвеститор бил непријатно изненаден кога му било соопштено еднострано од снабдувачот дека им го раскинува договорот.
„Сега таа компанија ни нуди, доколку сакаме да склучиме нов договор, да прифатиме да ни испорачува струја по пазарна цена. А таа цена сега е од 420 до 430 евра за мегаватчас. Практично, нас од снабдувачот ни е даден ултиматум - или после Нова година да ја прифатиме таа пазарна цена, или да останеме без електрична енергија“, вели соговорникот на Фактор од една странска компанија.
Тој реагира и на тајмингот кој е избран за да се раскине договорот за снабдување.
„Ова е компанија која има свои сопственици и менаџери во една од западните земји, каде веќе почнуваат неработните денови по повод божикните и новогодишните празници. Како ние сега да им соопштиме дека фирмата со која уредно сме склучиле договор за снабдување, на непоминати половина година, ни кажуваат дека или ќе прифатиме шесткратно повисок трошок, или ќе останеме без електрична енергија од следната година“, објаснува еден од менаџерите на таа компанија.
За него е несфатливо како овој снабдувач си дозволува да се повика на прогласената енергетска кризна состојба во земјава, за еднострано да го раскине склучениот договор.
Се поставува и едно друго прашање, дали ако станува збор за слободен пазар, смее да се дозволи ваква анархија. Исто така, нејасно е како во овој случај државата планира да ги заштите компаниите потрошувачи од самоволието на снабдувачите. И дали ваквиот однос на изземање на РКЕ заначи дека инвеститорите имаат правна сигурност во земјава, кога договорите не се почитуваат. А, доколку, пак, се оди на тужби, судството е бавно, и одлуката, дури и да ја донесе во корист на оштетените компнии, ќе биде во време кога веќе нема да има ефекти.
„Нејасно е дали регулаторот на овој пазар сега може да се повикува дека се работи за слободен пазар и дека тој нема ингеренции да постапува, бидејќи токму регулаторот го овластил овој снабдувач и прифатил тој да работи на пазарот, и тоа по фер и пазарни услови, што пред се значи почитување на склучените договори. Сега снабдувачот инсистира дека мора да се склучи нов договор и да ни испорачува само по тековните цени, бидејќи пазарните цени се високи, но прашање е зошто тој кога цените на пазарот беа ниски и пониски од оние во договорот, зошто тогаш не се повикуваше на пазарните цени. Односно, поентата е дека ако пазарот е слободен, не значи дека склучените договори не треба да се почитуваат“, вели нашиот соговорник.
Уште и се поставува прашањето, со колкав основачки капитал се основани овие фирми снабдувачи. Дали тој е минималниот од 5.000 евра, или повеќе. Оваа дилема се отвора во контекст на тоа што ваков вид на фирми снабдувачи треба да бидат високо капитализирани, со цел да можат да бидат доволно моќни за да ги апсорбираат овие големи ценовно-пазарни шокови, или преку процесот на хеџинг, или, пак, да приложеле соодветни банкарски гаранции дека ќе ги почитуваат договорите. Вака, пак, нема никаква сигурност за потрошувачите, што не може да се нарече слободен пазар. Прашање е како ова ќе влијае врз оценките за деловната клима во земјава.
Нашите државни институции треба да знаат дека компаниите, и домашните и странските, веќе направиле планови за работа и буџетирања, и дека трошоците за струја, такви какви што биле наведени во договорите кои сега се раскинуваат, ги вкалкулирале во трошоците на производите. Тие производи, пак, исто така им се испорачуваат на клиентите по однапред одредени договори.
„И сега ние треба или да им кажеме на клиентите дека ќе ги зголемиме цените на нашите производи, што би било многу несериозно од наша страна, или тој трошок да го апсорбираме на наша штета, односно да се откажеме од дел од профитот, што, пак, би значело или намален профит, или влегување во зоната на загуба“, потенцира овој менаџер.
Тој додава и дека овие главоболки, ниту странските, ниту домашните компании немаше да ги имаат, доколку беше поголемо домашното производство, кое ќе можеше да ги амортизира сегашните големи ценовни шокови.
Како што веќе пишуваше Фактор, од РКЕ велат дека се кројат измени во Законот за енергетика, кои ќе му дадат ингеренции на регулаторот директно да може да ги казнува несовесните снабдувачи, и тоа со високи казни, во зависност од големината на нивните приходи.
Нина Нинеска-Фиданоска