И Србија ќе ја користи армијата за гранична стража
Армијата ќе биде вклучена во заштитата на безбедноста на Србија.
Ова го изјави српскиот министер за правда Никола Селаковиќ по вонредната седница на Бирото за координација на службите за безбедност по повод зголемувањето на миграциската криза и тензиите по Балканскиот пат.
Седницата се одржа под водство на премиерот Александар Вучиќ. Селаковиќ го повика претседателот Томислав Николиќ да го свика Советот за национална безбедност и да се донесе одлука за зголемување на капацитетот за справување со миграциската криза во усложнување на ситуација во регионот.
Министерот за правда на Србија повтори дека поради зголемениот прилив на економски емигранти земјата нема да крева ѕидови и огради, но ќе ги брани своите интереси.
„Граѓаните треба да знаат дека сите наши служби за безбедност, како и полициските сили се во целосна готовност .... Србија ќе го почитува достоинството на сите мигранти, но Србија нема да ја менува својата политика“, заклучува министерот за правда.
