Економија, финансии, бизнис

Контакт

И СОНК ГО НАПНА АДЕМИ ЗА ЕКСТЕРНОТО: Кој ќе попушти?!

И СОНК ГО НАПНА АДЕМИ ЗА ЕКСТЕРНОТО: Кој ќе попушти?!

Иако до крајот на оваа календарска година остануваат уште неполни дваесетина дена, Синдикатот за образование и наука и Министерството за образование немаат конкретни заклучоци,  како ќе најдат заеднички прифатливи решенија околу проблемите на просветарите. Првиот човек на СОНК, Јаким Неделков вели дека за да се донесе конечно решение потребна е средба на највисоко ниво од двете страни, иако првичниот договор беше проблемите да се пеглаат преку работни групи.

“Работните групи на синдикатот и ресорното министерство ги  разгледуваат проблемите на маса со факти и аргументи од двете страни. Но, ниту едните ниту другите немаат мандат да пресечат или да одлучат по конкретен предлог. Тоа мора да се реши на највисоко ниво. Сметам дека треба сериозно да се прочитаат записниците по секој состанок.  Ние имаме конкретни ставови во кои преовладува  тежината  на аргументите, а на секоја средба има обиди  да се  приближат  ставовите. Но, толку ”-вели Јаким Неделков претседател на СОНК.

Според него,  сеуште најтешко одат преговорите околу екстерното оценување. Вели, работната група на СОНК во овој дел има најмногу забелешки бидејќи и незаволството на членството е најголемо токму поради најавените казни кои треба да се спроведат,  според новиот закон,  веќе на следната јануарска  плата.

[button color="red" size="big" link="http://faktor.mk/2014/11/18/ademi-jas-sakam-eksterno-ama-ne-zavisi-samo-od-mene/" target="blank" ]Адеми: Јас сакам екстерно, ама не зависи само од мене![/button]

Решенијата за казни и награди се потпишани и поделени до општините, кои пак се доставени  до училиштатa и наставниците и професорите. Решавањето на приоритетното прашање за евентуалното казнување на наставниците, според  синдикалното раководство ќе биде основа за разгледување и решавање на следните проблеми во образованието.

Следната недела средба на највисоко ниво?!

Од просветниот синдикат очекуваат дека следната недела ќе има средба на највисоко ниво помеѓу синдикалниот лидер Јаким Неделков и министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми, од која ќе зависат понатамошните чекори. Оваа средба според нив,  требало да се реализира и досега . Дополнително,  до крајот на месецов се очекува Советот на Синдикатот за образование и наука да одржи седница на која членството  ќе одлучи дали ќе го “одмрзне”   штрајкот кој на почетокот на септември беше ставен во мирување или сеуште преговорите ќе се водат преку работни групи.

Новиот Закон за основно и средно образование ќе удри по грбот на наставниот кадар!

Дали штрајкот на просветарите кој е ставен во мирување до крајот на декември ќе биде активиран, зависи од заедничките заклучоци од двете страни. Од Сонк  очекуваат да се  извршат измени на Законот за основно и средно образование,  бидејќи според нив екстерното оценување не смее да биде единствениот инструмент за оценување на наставниците и учениците. Од заедничките заклучоци дополнително ќе се бараат механизми за нови законски решенија.

“Очекуваме пофлексибилен став од надлежните за казните од екстерното оценување..Ние бараме  да не важат сегашните казни и награди за наставниците,  туку резултатите од екстерното тестирање да се искористат за анализи и за истражувања”-сметаат од СОНК.

Од Синдикатот досега  неколкупати потенцираа дека не се против моделот на екстерно оценување и дека е потребно  да има механизам на проверка на знаењата на учениците и вложениот труд на наставниот кадар, но дека тоа не треба да биде основа за казнување,  туку резултатите  од екстерното да се користат за споредбени анализи, за истражувања кои би го подобриле образовниот процес.

Новото законско решение за воведување на казните од екстерното оценување треба да стартува од јануари, што практично би значело дека веќе со јануарската плата околу 2000 наставници и професори во основно и средно образование кои направиле најголеми отстапувања во оценувањето на ланското екстерно тестирање ќе треба да земаат за 15 отсто пониска плата цели 12 месеци. Ова решение за синдикалното раководство е неприфатливо бидејќи   вака како што е поставено го има само кај нас, а дополнително во него не се зема  предвид следењето на работата на наставниците во текот на  годината, индивидуалната работа, проектните активности.

Преку училишни одбори прифатени дел од приговорите!

Незадоволните наставници кои се нашле на списокот на  казнети, покрај приговори до СОНК доставиле и до  училишните одбори. Дел од нив, велат од СОНК биле прифатени од страна на училишните одбори, но сепак оваа бројка е далеку од конкретно решение. Тие очекуваат повлекување на казнените одредби и нивно искористување во аналитички методи кои би го подобриле квалитетот на образовниот процес. Овој начин на преиспитување на веќе донесените решенија би требало да ја намали бројката на казнети наставници, но сепак не го решава проблемот во целост.

“Училишниот одбор  е составен од претставници на училиштето, министерството, локалната самоуправа и родители, може да  го поништи  решението на директорот за казнување. Веќе има такви случаи во некои училишта. Реален проблем е што  наставниците немаа можност да ги видат тестовите од спроведеното тестирање, па од тука произлезе и недовербата и реакциите за резултатите” –реагираат синдикалците.

Од Министерството за образование и наука не изнесуваат конкретен став околу преговорите, освен дека тие сеуште течат преку работни групи. Кој ќе биде исходот треба да се знае до крајот на месецов кога се очекуваат и официјални ставови од двете страни.

С.Б.

Слично

Поврзани вести