И синдикатот и работодавачите дадоа „зелено светло“
Организациите на работодавачите и репрезентативните синдикати на денешната седница на Економско-социјалниот совет ги поддржале планираните измени во законот за стечај со кои се опфаќаат околу 3.000 лица и измените на Законот за минимална плата, кој се однесува на 65.000 лица.
„И работодавачите и синдикатите дадоа позитивно мислење и официјален став за прифаќање на овие предлог измени и очекуваме тие набрзо да бидат разгледани и прифатени“, изјави министерот за труд и социјална политика Диме Спасов по завршување на седницата.
Со измените на законот за стечајците, се продолжува временскиот опфат, односно наместо до 2004 година ќе бидат опфатени сите вработени кои останале без работа по основ на стечај, ликвидација и технолошки вишок во претпријатија во доминантна државна сосптвеност до 31 декември 2013 година. Сите тие ќе добиваат месечен надомест од околу 7.100 денари месечно и здравствено осигурување се до нивното следно вработување или стекнување услови за пензија.
Законското решение за минималната плата, пак, предвидува скалесто зголемување на минималната плата од сегашните 8.050 на 10.080 денари до 2016-та година, односно до 2018-та година за текстилната и кожарската индустрија.
Спасов најавува дека Владата и натаму ќе го продолжи непосредниот дијалог со социјалните партнери во насока на дефинирање нови проекти и активности за подобрување на состојбата на работниците и подобрување на условите за работа на работодавачите.
Слично
