И РУСИЈА И УКРАИНА СЕ ГОЛЕМИ ПРОИЗВОДИТЕЛИ НА ЧЕЛИК И АЛУМИНИУМ, ВОЈНАТА ЌЕ ГИ ЗГОЛЕМИ ЦЕНИТЕ - бизнисменот Горан Антевски за Фактор
Нападот на Русија врз Украина исклучително лошо ќе се одрази врз глобалната економија, а тоа секако дека силно ќе го погоди и македонскиот бизнис.
Горан Антевски, генерален директор на „Раде Кончар - ТЕП“, во разговор за Фактор објаснува кои се клучните проблеми кои врз економската активност ќе ги предизвика оваа, според многумина, неочекувана војна.
„Искрено, и јас сум прилично изненаден од нападот на Русија врз Украина. Имам пријатели кои живеат во Украина, кои се до вчера беа убедени дека нема да има војна и дека таа тензија која постоеше меѓу двете држави, односно кризата, ќе се смири. Но, утринава ме известија дека таму наголемо се пука“, вели Антевски.
Овој бизнисмен објаснува дека оваа војна ќе создаде големи проблеми во снабдувањето со енергенси, пред се гасот и нафтата, но тоа, пак, индиректно ќе предизвика и проблем кај електричната енергија, бидејќи таа ќе мора да се користи како замена онаму каде што може, за недостигот од гас и нафта.
„Според мите очекувања, цените на гасот ќе пораснат најмалку двојно, а ќе има зголемување и на цените на нафтата, иако таму не очекувам толку голем пораст на цената. Сето ова ќе ги зголеми трошоците за македонските компании. Конкретно за нашата компанија ќе биде проблем зголемената цена на нафтата“, укажува Антевски.
Оваа војна, како што потенцира, многу ќе ги зголеми и цените на челикот и алуминиумот во светот, бидејќи и Русија и Украина се големи производители на железна руда и алуминиум.
„Тие фабрики ќе имаат сигурно рестрикции во работењето, односно сигурно нема да можат да работат со полна пареа како досега. Ќе се затворат транспортните коридори, што ќе биде уште еден проблем за снабдување со тие материјали. Исто така, фактот што ќе биде блокирано плаќањето кон Русија, ќе доведат до тоа кон тие производители да треба да се плаќа со кеш пари. Нашата компанија директно не набавува од Русија, но набавуваат нашите партнери, тие ќе имаат проблеми, а со тоа индиректно и ние. Сето тоа ќе ги зголеми цените на челикот, алуминиумот, бакарот“, што лошо ќе се одрази на светската економија“, објаснува Горан Антевски во разговор за Фактор.
Нина Ннеска-Фиданоска
