И ПОКРАЈ ГОЛЕМИОТ РАСТ НА БЕРЗИТЕ, ВО НЕКОЛКУ ЕВРОПСКИ ЗЕМЈИ СТРУЈАТА ПОЕВТИНИ, домашните институции апелираат за штедење
Во првата половина на 2022 година, просечните цени на електричната енергија за домаќинствата во Европската унија и надвор од неа нагло се зголемија во споредба со истиот период во 2021 година.
Од европскиот статистички центар соопштуваат дека во првите шест месеци од годинава, цената на струјата од 22 евра за 100 киловатчаса (kWh) пораснала на просечни 25,3 евра за 100 kWh.
- Оваа година, покрај цените за домаќинствата, имаме значително зголемени цени и во големопродажбата на електричната енергија и гасот низ ЕУ. Трошоците за енергија и снабдување под влијание на моменталната геополитичка ситуација, руската воена агресија во Украина, главно го поттикна зголемувањето – се потенцира во извештајот на „Евростат“.
Од европскиот статистички центар посочуваат дека во споредба со состобјата пред едена година, даноците и давачките во финалните сметки за електрична енергија и гас што им се наплаќаат на домаќинствата во ЕУ во првата половина на 2022 година значително се намалени бидејќи земјите-членки воведоа владини додатоци и субвенции за да ги ублажат високите енергетски трошоци.
- Споредено со првата половина од 2021 година, учеството на даноците во сметките за електрична енергија нагло се намали од 39 отсто на 24 проценти (-15,5 отсто) и во сметката за гас од 36 проценти на 27 отсто (-8,6 проценти) – покажуваат податоците објавени неодамна од Евростат.
Интересен податок е дека иако цените на струјата имале нагорен тренд во скоро сите земји членки на унијата, а слични тенденции имаа и во нашата околина, во земји кои не се дел од унијата, сепак, има пет членки на ЕУ, каде цените на електричната енергија дури и се намалија.
- Цените на електричната енергија за домаќинствата пораснаа во 22 земји-членки на ЕУ во првата половина на 2022 година, во споредба со првата половина на 2021 година. Најголем пораст (изразен во национални валути) е регистриран во Чешка (+62%), пред Латвија (+59%) ) и Данска (+57%). Податоците укажуваат на намалувања на цените на електричната енергија за домаќинствата меѓу земјите-членки: Холандија (-54%), Словенија (-16%), Полска (-3%), Португалија и Унгарија (и двете -1%). Падовите во Холандија, Словенија и Полска се поврзани со владините субвенции и надоместоци, додека во Унгарија цените се регулирани – се потенцира во извештајот на „Евростат“.
Изразено во евра, просечните цени на електричната енергија за домаќинствата во првата половина на 2022 година беа најниски во Холандија (5,9 евра за 100 kWh), Унгарија (9,5 евра) и Бугарија (10,9 евра) и највисоки во Данска (45,6 евра), Белгија (33,8 евра), Германија (32,8 евра) и Италија (31,2 евра).
Во Македонија цените на електричната енергија за домаќинствата и понатму ги одредува Регулаторната комисија за енергетика, која последен пат за нив одлучуваше летово, кога истите беа зголемени во просек за 7,4 отсто.
Од јули годинава за прв пат кај нас се воведе блоковско тарифирање, односно имаме повеќе цени зависно од потрошувачката на енергија. Па така најмало зголемување или 5,5 проценти добија домаќинствата кои трошат до 210 киловати, додека најголемо зголемување од рекордни 140 проценти треба да им се пресметува на потрошувачи кои надминуваат 1.050 киловати.
Според она што е наведено на веб страната на РКЕ, цените на електричната енергија се движат од 4,7 денари по киловат час, па се до 14,10 денари за киловат час, зависно од потрошувачката на енергија. Во табелата подолу се наведени цените согласно блоковите кои ги определи регулаторот и кои се објавени на нивната веб страна.

Вчера соработникот за енергетика во канцеларијата на претседателот на Владата, Виктор Андонов на прес конференција апелираше граѓаните рационално да ја користат електричната енергија, но и уверуваше дека струја во текот на зимото сигурно ќе има.
- Состојбата во цела Европа е комплексна и секоја земји ги бара најоптималните решенија. Нашите позиции се јасни, работиме на зголемвуање на домашното производстов и ги ставаме во погон сите енергетски капацитети во државата. Владата постојано ја следи состојбата на дневно ниво и ќе носи соодветни мерки за ублажување на последиците – посочи Андонов.
П.О.