И ПО МИЛЕ, МИЛЕ - Атанасов разрешен поради истек на мандатот и повторно избран за член во Одборот на директори на штипската компанија
Компанијата Макпромет од Штип го разреши, и потоа пак го избра неизвршниот член на Одборот на директори, Миле Атанасов. Причина за ова беше фактот што му беше истечен мандатот на Атанасов, но тој од акционерите на компанијата добил уште еден мандат.
За тоа штипската компанија извести преку Македонската берза.
„Друштвото, на Собранието на акционери на друштвото, на седницата одржана на 10.01.2023 година (вчера -н.з.), ја донесе следнава - Одлука за престанок на функцијата член на Одборот на директори. Се констатира дека поради истек на мандат, се разрешува и функцијата член на Одборот на директорот на Друштвото за производство и трговија Макпромет АД Штип, му престанува на лицето Миле Атанасов од Штип, дипломиран економист, неизвршен член на Одборот на директори“, се вели во првата одлука што ја мдонеле акционерите на Собранието.
Во втората одлука, пак, тој повторно се назначува на истата функција.
„За член на Одборот на диртектори се избира лицето Миле Атанасов од Штип, дипломиран економист, неизвршен член на Одборот на директори. Членот на Одборот на директори, се именува на период од четири години, со право на повторен избор.Одлуката стапува на сила на денот на донесувањето“, се вели во Одлуката од вчерашното акционерско Собрание.
Инаку, Миле Атанасов, според податоците од Централниот депозитар на хартии од вредност, е убедливо доминантен акционер во компанијата Макпромет и поседува 91,3 отсто од акциите. Што значи дека сите одлуки на Собранието на акционери зависат од неговото гласање.
Макромет АД Штип е основана во 1973 година. Својата дејност ја извршува преку четири друштва со ограничена одговорност кои се занимаваат со производство на кондиторски производи, производство на леб и бели пецива, графичка индустрија и трговија. Пренесувајќи го искуството низ повеќе генерации, Макпромет АД Штип денес е индустриска компанија која настапува на домашниот и странскиот пазар со широк асортиман на производи.
Н.Н.Ф.
