И ПО 24 ГОДИНИ ГИ ЧУВААТ ПАРИТЕ ВО МАРКИ: Германците тешко преминуваат на евро
Германските граѓани, дури и 24 години по воведувањето на еврото, сè уште ги чуваат старите германски марки, а Бундесбанк минатата година размени речиси 53,1 милиони марки, што одговара на нешто повеќе од 27 милиони евра, објави централната банка.
Во претходните години бројките беа слични: во 2024 година беа разменети околу 53,2 милиони марки, а во 2023 година нешто над 58 милиони, пишува „Шпигл“.
„Веројатно е дека одреден ефект по размената, кој доведе до зголемување на бројките во годините по пандемијата, сега е завршен“, рече членот на одборот на Бундесбанк, Буркхард Балц.
Старите банкноти и монети често се појавуваат во наследства или се откриваат случајно, а понекогаш се чуваат од носталгија, истакнува порталот.
Минатата година, Бундесбанк доби неколку банкноти од пет марки со рачно напишани пораки, датирани од 2000 и 2001 година.
Според Бундесбанк, повеќе од 162 милиони банкноти и повеќе од 23 милијарди монети сè уште не се разменети - вкупна вредност од околу 12,1 милијарди марки, што е околу 6,2 милијарди евра.
Половина од таа сума се монети - 6,52 милијарди марки, а остатокот се банкноти - 5,61 милијарди марки.
Бундесбанката нуди неограничена замена на стари марки за евра, по фиксен курс од 1,95583 марки за едно евро. Размената може да се изврши во која било од 31-те филијали на банката или по пошта преку Мајнц, објавува RT Balkan.
Германија е меѓу седумте земји од еврозоната каде што замената на старата национална валута не е временски ограничена.
Други земји со слични практики се Австрија, Ирска, Естонија, Латвија, Литванија и Бугарија.
Бизпортал.рс