Економија, финансии, бизнис

Контакт

И падна ли круната на Стопанска банка Скопје?

И падна ли круната на Стопанска банка Скопје?

Стопанска банка Скопје лани има пад на профитот за 6,1 милиони евра во споредба со 2018 година. Најпрофитабилната банка не го издржа темпото што претходно сама го наметна да биде значајно пред конкурентите кои лани и се прибилижија. Нето добивката по акција изнесува 136 денари (потенцијален принос што надминува 11 отсто од последната пазарна цена на таа акција)

Најуспешната деловна банка во земјава лани бележи пад на добивката. И покрај тоа што останува банка со најголем профит Стопанска банка Скопје лани имала резултат што е послаб за 6,1 милиони евра од профитот што го направи во претходната година. Падот на профитот го генерираат намалените нето приходи од камати во комбинација со зголемените трошоци за резервација.

Стопанска банка Скопје лани оствари добивка по оданочување во износ од 38,55 милиони евра и тоа е послаб резултат од 2018 година за 6,1 милиони евра. И покрај тоа Стопанска банка Скопје останува најпрофитабилната банка во големата тројка, но сега разликата е во тоа што значајно е намалена разликата во профитот што таа банка ја остварувала наспроти НЛБ Банка (профит од 30,1 милиони евра) и Комерцијална банка (профит од 29,4 милиони евра).

Нето приходите од камати на Стопанска лани изнесувале 58,7 милиони евра и се за 3,5 милиони евра пониски од претходната година. Дел од намалениот нето приход од камати е компензиран со зголемениот нето приход од провизии и надоместоци кој достигнал 13,4 милиони евра и бил поголем за 1,35 милиони евра во споредба со претходната 2018 година. Останатите приходи од дејноста се на ниво од 8,6 милиони евра и се за нијанса послаби од претходната година.

Клучен индикатор за падот на профитот е во износот на резервациите. Тие лани изнесувале 12,4 милиони евра и се за 3,8 милиони евра поголеми од претходната година. Овој износ заедно со падот на каматите ја прави разликата од околу 6 милиони евра во профитот на банката.

На страната на билансот на состојба банката книжи мал раст на кредитните пласмани кои достигнале 1,08 милијарди евра. Значаен раст има ставката вложувања во хартии од вредност каде банката го зголемила портфолиото за 45,9 милиони евра до 141,3 милиони евра. Во исто време депозитите пораснале за 100 милиони евра лани во споредба со 2018 година и достигнале 1,35 милијарди евра.

Р.Ф.

Слично

Поврзани вести