Економија, финансии, бизнис

Контакт

И ОВА ГО ИМА ВО МАКЕДОНИЈА: Нудат плати и до 1.000 евра, но работници нема

И ОВА ГО ИМА ВО МАКЕДОНИЈА: Нудат плати и до 1.000 евра, но работници нема

Луѓето кои имаат фарми нудат плати од 50.000 денари, па дури и повеќе, но се мачат да најдат работници кои ќе им помогнат околу грижата за добитокот. Најдобро би било да најдат искусни луѓе кои ја познаваат работата, но флексибилни се и за работници кои немаат искуство, а сакаат да научат. Во огласите, некои од сопствениците на фармите нудат и сместување и оброци.

„Тешко се наоѓаат работници за на фарма. Работна сила нема. Платата изнесува 50.000 денари, па и 60.000 денари им даваат, ако треба да се грижат за повеќе грла. Јас имам соба на фармата и ако некој сака, може таму да престојува, да седи 24 часа. Работниците се случувало ќе дојдат ден, два и потоа се откажуваат. Секаде е исто. Работниците треба да имаат искуство, но и да немаат ќе се научат. Кравите се молзат машински, но треба да го познаваат системот за молзење. Најчесто сточарите што имаат над 30 крави бараат работници. Со месеци трае потрагата по работници. Бараме секаде, преку социјални мрежи, преку луѓе се распрашуваме. Сега имам двајца работници, искусни се. Чувале стока, живеат блиску и им одговара да доаѓаат да работат. Нивните обврски се хранење, молзење, чистење“, вели жена од скопско.

Многу луѓе откако виделе дека не можат да најдат работници, значително го намалиле бројот на грла добиток. Ако порано предавале млеко во млекарница, сега се посветени да ги задоволат само потребите на своето семејство.

„Тој што нуди плата, сумата му изгледа многу висока, а тој што бара начин да заработи, му се чини дека парите се малку. Имаше и помлади заинтересирани за работа, имаше и постари. Сите работеа кратко, по 2-3 месеци и потоа си заминуваа. Имавме 50 кози, ни требаше помош. Најчесто работниците беа од истата општина. Сега имаме само неколку кози, за да имаме млеко за свои потреби“, додава жена од Штип. 

Друг сопственик на фарма објаснува дека луѓето оваа работа ја гледаат со потценување.

„И за 50.000 денари месечно нема работници. За 24 години сигурно сум сменил 20 работници. Прифаќаат, ама потоа се жалат дека им е тешко“, рече Елвин Лековиќ, сопственик на фарма во велешко.

Според податоците на Државниот завод за статистика(ДЗС), во 2024 година, во споредба со 2023 година, вкупниот број говеда е намален за 2.3 отсто. Намалување на бројот на говедата е забележано кај индивидуалните земјоделски стопанства, како и кај деловните субјекти.

Вкупниот број овци во 2024 година бележи намалување од 11.9 отсто, но во истиот период, бројот на козите има пораст за 14.5 отсто.

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести