Економија, финансии, бизнис

Контакт

И објавија ли војна сметководителите на Ангеловска - велат дека дозволува неконтролирана е-трговија

И објавија ли војна сметководителите на Ангеловска - велат дека дозволува неконтролирана е-трговија

Се овора ли фронт на линија Комора на сметководители со Министерството за финансии. 

Откако вчера Комората на сметководители реагираше дека со подигањето на прагот на ослободување од царина, за пратки од 45 на 90 евра, се поттикнува сивата економија во земјава, возврати Министерството за финансии, кое тврди дека сите мерки што ги преземаат, се во насока на намалување на сивата економија во земјава. 

Но денеска од комората со нова реакција, велат дека Финансии потврдиле дека засега се дозволува системски неконтролирана е – трговија.

„Во однос на забелешката за зголемувањето на ослободувањето на пратките од плаќање царина до 90 евра, сметаме дека не е исполнет основниот предуслов за системско решение со кое ќе се утврди каде оди стоката што се увезува со електронска трговија без царина. Додека се чека воспоставување на таков систем, оштетени од оваа новина ќе бидат малите трговци и увозници кои плаќаат данок и царина“, велат од комората. 

Додаваат дека препораката на ЕУ се однесува на увоз за лична употреба, со што мора да се достави директно до познат краен корисник, а кај нас нема систем каде оди стоката. 

„Дополнително, едно е тоа што граѓаните си носат од патување во износ до 350 евра и се знае кој го пренесува и таа сума е за предмети за лична употреба што е регулирано со акт и за 350 евра, доколку се обиде некој да помине низ граница за продажба или комерцијална употреба, а не лична повторно е должен со позитивните прописи да плати царина. Тоа со новите измени за електронски пратки не е случај и се стимулира уништување на трговците и увозниците што плаќаат царина, со дозволување на системски неконтролирана  е – трговија од странски земји. Како што наведоа и МФ во нивната реакција систем се уште нема, туку се работи на негово поставување“, реагираат од комората.

Во прилог на тоа наведуваат и цитат од тврдењата на Финансии. Од комората велат дека акцискиот план на кој дури сега работи МФ, требало да се донесе откако ќе се воспостави тој систем, а не да се оштетат илјадници лица кои работат и плаќаат царини при увоз. 

А вчера од МФ рекоа дека мерките кои ги иницираат и носат се однесуваат на намалување на сивата економија, поволности за даночните обврзници и поедноставување на постапките, вклучително и за сметководителите - што е сосема спротивно од тврдењата изнесени од Комората на сметководители.

„Еден од главните приоритети на Министерството за финансии е токму борбата против сивата економија и носење мерки против сивата економија. И преку подигање на прагот за ослободување на царина кај малите пратки до 90 евра, посредно се делува контра сивата економија. Зошто? - Бидејќи со зголемување на прагот за ослободување се намалуваат мотивите за избегнување на плаќање увозни давачки - и стоките влегуваат по регуларен пат. Да напоменеме дека граѓаните кои се враќаат од странство преку граничен премин, и претходно и сега можат да внесат стоки во вредност до 350 евра, што е значително повисока сума од нарачување по пошта. Ова е препорака на Европската комисија, која укажа дека прагот за ослободување претходно бил премногу низок, како и дека има негативни последици од тоа. Инаку прагот за ослободување согласно ЕУ и ЦЕФТА препораките е дури повисок од оној кој е воведен, односно 150 евра.  Министерството за финансии ги калкулираше буџетските импликации за оваа мерка, оценувајќи ги како незначајни со оглед на многуте придобивки од мерката“, нагласија од Финансии.

Додадоа дека покачувањето на прагот за ослободување од царина при порачка на мали пратки им овозможува поголем избор на граѓаните - ако купуваат од странство, ќе купуваат и од дома, како што ќе расте домашната понуда. Со тоа ќе се развива е-трговијата и ќе се создадат многу можности, особено за малите и средни претпријатија во земјава. За тврдењата дека ќе се препродаваат производи - секако дека имаме конкретни мерки а се работи и на акциски план со кои се и ќе се адресираат сивата економија и нелојалната конкуренција, како и конкретни мерки за сивата економија во е-трговија, за што е формирана и работна група и имаше организирано јавна дискусија на која присуствуваа и коморите. 

„Министерството за финансии секогаш е подготвено за разговор со бизнис заедницата заради подобрување на условите за водење на бизнис и во таа насока во наредниот период ќе иницира средби на кои ќе се разговара за нови мерки, постапки и процедури заради оставарување на заедничките цели“, тврдат од МФ. 

Н.Н.Ф.

Слично

Поврзани вести