И натаму нема избор на понуда за РЕК Битола, ЕСМ ќе купува помалку јаглен
АД
ЕСМ најверојатно ќе купува помалку количества јаглен од првично
предвидените 900.000 тони за РЕК Битола. Според сознанија на Фактор, причината е што
третиот блок, за кој се купува јагленот, а чиј трансформатор беше зафатен со
пожар, нема да проработи најмалку уште два месеца. Овие количества требаше да покријат
производство за шест месеци на третиот блок за потребите од електрична енергија на фирмите. Што се
однесува до потребите на домаќинствата, од ЕСМ тврдат дека тоа производство е
покриено со сопствен ископ на јаглен кој сега и ќе се засилел, но исто така
компанијата веќе има и купено струја за пополнување на недостатоците во овој
период, за што информациите се појавија изминатите денови.
Во наредниот период се очекува да биде одбран најповолниот
понудувач, но од
ЕСМ нема конкретен одговор кога точно, ниту дали причината за одолжувањето е тоа
што домашниот
производител прави нови пресметки колку јаглен ќе му биде потребен.
Денеска требаше, според претходните најави од ЕСМ, да се одберат најповолните понуди по претходно објавениот повик. Единствено беше познато дека се јавиле
девет компании на повторениот повик за набавка на јаглен за третиот блок на РЕК Битола за дополнително производство на електрична енергија наменето за стопанството и државните институции.
ЕСМ објави дека понудите ги исполнуваат бараните количини од 900 илјади тони јаглен и дека се доставени од домашни фирми кои нудат јаглен од два домашни рудници, потоа од фирми од Косово, Албанија, Босна и Херцеговина и од Турција.
ЕСМ денеска информираше дека поради неодамнешниот пожар, Блок 3 подолго време нема да работи.
- Стручни лица од РЕК Битола, со поддршка на колеги од МЕПСО и ЕВН Македонија, како и експерти од Техничките факултети во Битола и Скопје, интензивно работат на оспособување на трансформаторот на Блок 3 кој беше оштетен во пожарот минатиот петок. Првичните, неофицијални наоди говорат дека пожарот го предизвикал висок напон кој дошол до трансформаторот преку електроенергетскиот систем. Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски и директорот на производство на АД ЕСМ, Благојче Трповски при посетата на РЕК Битола најавија формирање на експертски тим од енергетските компании кој ќе ги дефинира чекорите за спречување на слични појави во иднина, објави АД ЕСМ.
На последниот тендер на ЕСМ за период од 7 до 20 ноември оваа компанија набави 26.000 мегаватчасови електрична енергија за цена од 5,5 милиони евра. Цената (просечна) што на ЕСМ ќе му ја наплати добавувачот „Данске комодитис“, и во многу помала мерка ТЕТО, е 211,5 евра за еден мегаватчас.
Со последниот тендер ЕСМ купи енергија за две недели која е доволна да замени производство од само половина од инсталираниот производен капацитет на еден блок во РЕК Битола.
А.К.