И на Британците им олесна што нема ебола во Македонија
Информацијата дека резултатите од починатиот британски државјанин во Скопје се негативни за ебола со олеснување е проследена попладнево и во Велика Британија. Во земјата се стравуваше од можноста починатиот Колин Џефри да е првиот Британец кој починал од опасниот вирус.
Уште повеќе, што информациите покажуваа дека тој скоро не бил во Африка, а во Македонија допатувал директно од Велика Британија. Британските здравствените власти веднаш започнаа истрага со кого тој бил претходно во контакт и дали е возможно со болеста да се заразил на британско тло. Освен тоа, се испитуваше и дали е возможно пред заминувањето во Македонија, тој да заразил други личности со смртоносниот вирус.
Британскиот весник „Дејли мејл“ ги пренесува официјалните резултати од анализите извршени во лабораторијата во Хамбург, Германиј. Но, во истовреме, ја цитира и изјавата на Олга Инглиш, сопруга на Мајк Инглиш, пријателот со кој Џефри допатувал во Македонија на 2 октомври.
Според неа, британскиот бизнисмен Џефри немал вирус, туку долгогодишен здравствен проблем, но одбивал да оди на лекар. Неговата состојба се влошувала речиси при секоја посета на Македонија.
„Секогаш кога ќе дојдеше во Македонија, нешто ќе се случеше. Или ќе паднеше или нешто друго. Имаше некаков проблем, но никој не знаеше каков“, вели таа.
„Македонските власти ја отфрлија еболата како причина за смртта на британскиот државјанин“, пишува бритнаската 10ТВ. Се цитира информацијата од македонското Министерство за здравство дека негативните резултати значат крај за карантинот за 35 лица, туристи и медицински персонал, кои беа во контакт со починатиот.
Обдукцијата треба да ја открие вистинската причина за брзата и ненадејна смрт на британскиот државјанин, која предизвика паника поради можноста да станува збор за исклучително опасниот ебола вирус, од кој досега во светот починаа над 4.000 лица.
Слично
