И матурантите се приклучуваат на студентскиот марш?
Студентите одат на нов протестен марш. Ваквата одлука била донесена на вечерашниот собир на Студентскиот пленум кој се одржа на Скопскиот универзитет„Кирил и Методиј“, зад затворени врати во просториите на Правниот факултет. Ќе се одржи следната недела.
-Имавме иницијативи за протест кои пристигаа од студентите. Ние бараме потполно укинување на државен испит, не сме отворени за преговори во однос на форматот, туку бараме потполно укинување на истиот, велат од Студентскиот пленум.
На овој марш ќе се приклучат и средношколци, особено матурантите, кои според идејата на власта ќе бидат првата генерација што ќе полага државен испит, јави Плус инфо.
Дел од универзитетските професори кои ги поддржаа студентите јавно апелираа дека ваквиот начин на испитување е противуставен, и нецелисходен.
Професорот Светомир Шкариќ во интервјуто за Радио Слободна Европа вели дека овој предлог задира во автономијата на универзитетот.
„Испитувањето, проверката на знаењето им припаѓа на оние кои тоа знаење им го пренесуваат на студентите, а тоа се професорите и целиот друг стручен и помошен кадар што работи во одредена образовна институција. Непримерно е и нелогично, Владата, или преку Одборот за акредитација или преку некое друго тело, да ја врши таа проверка. Едноставно тоа е невозможно, тоа е илузија“, вели Шкариќ.
Слично
