И МАКЕДОНИЈА ЌЕ „ИЗГОРИ“ ОД СКАПИОТ ГАС И ПОСКАПУВАЊЕТО НА НАФАТА: Кризата во Украина ќе не удри енергетски
Руско-украинската криза стана реалност, а светот се соочува со низа предизвици кои произлегуваат од конфликтот кој е се само не конфликт меѓу две земји. Особено не, затоа што во кризата е вклучена и Русија чиј Газпром извезува над 150 милијарди кубни метри гас на пазарите во Европа од кои најголеми увозници се Германија, Италија, Австрија, Турција и Франција. Цената на гасот е еден од пунктовите во кои ваа криза најмногу ќе се рефлектира и во Македонија. Познавачите кои ги консултиравме велат дека ако се анализираат политичките и економски врски меѓу Макеоднија и Украина, евентуално зголемување на конфликтот нема да има катастрогафални последици, но дека уште сега зголемената цена на гасот треба да почне да не загрижува. А дали ќе расте цената на гасот? Речиси сите се согласуваат дека тоа е најзивесно сценарио.
Германскиот канцелар Олаф Шолц завчера побара да се прекине сертификацијата на гасоводот „Северен тек 2“. А поранешниот руски премиер и претседател Димитриј Медведев на Твитер напиша: Добредојдовте во новиот свет каде Европејците ќе плаќаат 2.000 евра за илјада кубни метри гас“.
МАКЕДОНИЈА И КОНФЛИКТОТ
Познавачите кои ги консултирваме велат дека Македонија ќе трпи последици од руско-украинската криза во најмалку три пункта. Првиот е растот на цената на нафтата, вториот поскапувањето на гасот, а третиот можната воздржаност на странски инвеститори за вложувања во регионот поради блискоста со кризниот регион. Сепак сите сесогласуваат дека последиците во енергетскиот пункт се најзагржувачки. Предвидуваат раст на цената на гасот за кој Макеоднија низ годините не најде замена, а секако раст и на цената на електричната енергија.
Борче Треновски професор на Економскиот факултет во Скопје на УКИМ вели дека Македонија како мала и отворена економија малку може да направи доколку глобалното економско окружување пред се во ЕУ се влоши поради Руско-Украинскиот конфликт. Тврди дека ако се следи развојот на настаните и геополитичките игри, треба да се подготвиме за подолготрајно присуство на овој конфликт, чии ефекти врз економијата ќе се ефектуираат како камен фрлен во вода – чие што влијание ќе се шири, меѓутоа ефектот полека ќе слабее како што ќе се прилагодуваат економските субјекти на новонастаната ситуација.

„Ефектите врз македонската економија ќе се почувствуваат со различен интензитет преку неколку клучни канали - ефектите од една страна ќе се почувствуваат преку цените и количините на страната на суровините, репроматеријалите, енергијата и храната, имајќи ја предвид економската улога на Русија и Украина како клучни играчи на енергетскиот пазар (природен гас и производството на електрична енергија), производители на храна односно пченица и скромно учество кај нас во обезбедувањето на суровини и материјали (благородни и други метали и легури). Вториот бран на ефекти ќе се одрази преку соодветни намалување на нашата странска ефективна побарувачка (извозот) кај нашите најголеми трговски партнери – во кои доминира Европската унија (пред се Германија). Третиот бран (посредни) ефекти се поврзани со поскапување/ограничување на транспортот, зголемување на цените на определени производи како резултат на растот на цените на инпутите, што дополнително може да влијае на економската благосостојба на нашите граѓани, вели професорот Треновски.
И тој но и другите познавачи велат дека директните канали на трансмисија преку странските директни инвестиции, дознаките, директната трговска врска, па и безбедносните ризици се прилично слаби споредено со претходните очекувани ефекти.
УШТЕ СЛЕДНИОТ МЕСЕЦ ПОСКАП ГАС
Марко Бислимовски претседател на Регулаторната комисија за енергетика вели дека секако растот на цената на гасот на глобално ниво ќе се одрази и овде.
„Во последните месеци се забележуваше тренд на благ пад на цената на природниот гас на светските берзи и цените стигнуваа до ранг од 800 / 900 долари за 1 000 нм3, во однос на рекордното ниво кое се достигна кон крајот на минатата година од 1800 долари за 1000 нм3 . Со последните случувања меѓу Русија и Украина, гасот во Европа достигна цена од над 1 000 долари за 1 000 нм3. Со оглед на тоа што природниот гас се набавува на месечно ниво, несомнено е дека овие цени ќе се рефлектираат во новите месечни договори кои ќе ги склучат трговците со природен гас – Макпетрол и ТЕТО. РКЕ ќе ја следи состојбата со цената на природниот гас и според календарот треба да се донесе нова одлука за цената на топлинската енергија до крајот на месец јули оваа година, кога ќе се направи пресек на трошоците. За потсетување, минатата година цената на природниот гас на берзите достигна рекордни 1 800 долари за 1000 нм3, додека во годините пред кризата се регистрираат референтни цени од 300 долари за 1000 нм3, вели Бислимовски.

На пазарот растеше и цената на нафтата во последните два дена, како резултат на случувањата помеѓу Русија и Украина и најавените санкции.
„Берзата низ овој период се покажа како исклучително сензитивна на секоја геостратешка промена, но и случувањата со пандемијата како и имунизацијата. Со голема внимателност се следат случувањата на берза, ако се има во предвид санкциите кои се предвидуваат кон Русија од страна на Америка и земјите од ЕУ. Како резултат на тоа тргувања на бренд нафтата на светските берзи овие денови има тенденција на постепен раст, кој рефлектира и зголемување во ист правец на берзанските цени на нафтените производи. Дополнителен фактор кој влијае во формирање на крајната цена на нафтените деривати е и движењето на доларот кој може во овој период, во зависност од тоа дали паѓа или се зголемува да го амортизира или да го забрза зголемувањето на крајната цена на нафтените деривати, додава Бислимовски.
Александра Томиќ