И Македонија има Матрикс – ќе ја намали цената на интернетот
Македонија доби национален јазол за интернет проток, па наместо преку Виена и Софија, околу 100 македонски провајдери ќе бидат поврзани преку домашниот Матрикс. Вп проектот се инвестираат 300 илјади евра, а серверите за јазолот ќе бидат сместени во зградата на МРТВ.
Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски очекува националниот јазол да ги намали цените на интернетот во Македонија.
„Статистиката ширум светот покажува дека со воведување ваков јазол, каде сите локални интернет сервис провајдери се поврзуваат, цените за интернет услугата може да паднат од 15 до 20 проценти. Затоа уште од почетокот заедно со Македонската академска истражувачка мрежа МАРНЕТ го поставивме овој проект како приоритет и издвоивме буџетски средства“, рече Ивановски.
„Автоматски ќе се постигне посигурен и побрз интернет. Сообраќајот што ќе биде лоциран во Македонија ќе се затвора тука, значи нема потреба да излегува надвор, а тоа ќе им овозможи на голем дел компании што нудат интернет содржини со поевтина цена да можат дастигнат до крајните корисници“, вели Сашо Димитријоски од МАРнет.
Интерес за поставување на серверите во македонскиот Матрикс има и од светскиот интернет пребарувач Гугл. „Оттаму изразија желба да ги постават и нивните сервери во оваа просторија. Откако ќе биде во функција оваа сала повторно ќе се обратиме до Гугл и се надеваме да ги видиме и нивните сервери да бидат дел од оваа систем сала. Aко за отворање на одредена веб страница досега биле потребни три секунди, тоа сега би било за една секунда, па и многу пократко“, рече Ивановски.
Слично
