Економија, финансии, бизнис

Контакт

И Груевски и Мијалков си ја наплатија душевната болка од клевета

И Груевски и Мијалков си ја наплатија душевната болка од клевета
Околу 6.000 евра за клевета и навреда и уште над  3.000 евра за судски трошоци ќе паднат на товар на згаснатиот дневен весник „Фокус“ по пресудата во судскиот процес за клевета и навреда, што против весникот го покрена директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков. Главниот и одговорен уредник Јадранка Костова ќе треба да плати 5.000 евра, а новинарот Владо Апостолов 1.000 евра за нарушување на угледот и честа на Мијалков. Во истиот процес, осуден е и поранешниот амбасадор на Македонија во Чешка Игор Илиевски, кој на Мијалков треба да му плати 10.000 евра. Костова и Апостолов: Скандалозна пресуда! Уредничката на „Фокус“ Јадранка Костова вели дека биле тужени за два текста во кои поранешниот амбасадор Илиевски сведочел дека добивал закани од Мијалков. „Интересно е што беше покрената тужба за пренесена изјава на Игор Илиевски и тоа е страшно! Станува збор за релевантна изјава од релевантна личност, кој бил државен секретар во МНР, а потоа и амбасадор, кој бил назначен токму од оваа влада во која членува тужителот Сашо Мијалков“, изјави Костова. Според неа, со ваков судски аршин, на „Фокус“ му останува само да стави катанец. Осудениот новинар Владо Апостолов, пак, за А1он вели дека пресудата е скандалозна. „Од едена страна паричната казна е голема и за Фокус е критична, ама од друга страна Македонија е земја во која што новинари одат во затвор, други загинуваат во сообраќајни несреќи под чудни околности, и со парична казна ние треба дури да бидеме среќни. Најстрашно во целата работа е што македонската јавност не се прашува каде е и што прави во моментов екс амбасадорот во Чешка, кој што буквално го снема од како ги даде изјавите за Фокус“, додава Апостолов. За два дена - две важни пресуди за клевета и навреда Скопска Апелација вчера ја потврди и пресудата за клевета и навреда во случајот на премиерот Никола Груевски против лидерот на НСДП Тито Петковски и му наложи на Петковски да исплати 10.000 евра отштета. Во овој случај, инволвиран беше неделникот „Фокус“. Во овој весник Петковски ја даде изјавата за која тужеше премиерот. Сепак Груевски, не побара отштета од весникот, туку само од политичарот. Повеќе за исходот од овој случај на следниот линк: Апелација: Петковски да му плати 10.000 евра на Груевски Синдикат: Новинарите во Македонија работат во непријателски и агресивен амбиент! Брзите и високи казни за новинарите, надополнети со исклучително високи судски трошоци, кога како тужител се јавува носител на јавна функција, ја илустрираат тенденцијата во Македонија за гушење на слободата на изразување и непочитување на фундаментите на демократската пракса која почива на максимата дека новинарството има задача и должност да ја преиспитува и критикува работата на власта, заклучуваат од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници. „Исходот на тужбата на Мијалков против Фокус не е изненадување, туку уште една потврда дека проблемот со слободата на изразување и практицирање на професионално и критичко новинарство не е прашање на декриминализација или која било друга законска материја туку прашање на немањето елементарен демократски капацитет кај носителите на извршната, но и судската власт. Казните за новинарите на Фокус е показател за исклучително непријателскиот и репресивен амбиент во кој функционираат новинарите во Македонија за што синдикатот ќе ги информира сите релевантни меѓународни организации на новинарите, вклучително и Меѓународната федерација на новинарите каде ССНМ е полноправна членка“, соопштува Синдикатот.
Слично

Поврзани вести