И Ердоган нема да оди во Москва на парадата на 9 мај
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја отфрли поканата на рускиот претседател Владимир Путин да присуствува на парадата за Денот на победата - 9 мај во Москва. Анкара официјално го известила Кремљ за одбивањето.
Поканата беше испратена уште пред еден и пол месец и се очекуваше таа да биде прифатена за активната соработката меѓу Москва и Анкара во голем број сектори. Но изјавите на Путин за ерменските настани од 1915 г, ја налутија Анкара. Овој потег на Путин беше неочекуван за Ердоган.
На воената парада на Црвениот плоштад во руската престолнина за 70 годишнината од победата над нацистичка Германија, Турција ќе биде претставена од амбасадорот во Москва.
Во меѓувреме „Хурријет“ информира дека во знак на солидарност со Анкара претседателот на Казахстан Нурсултан Назарбаев исто така ја одбил поканата на Владимир Путин за да присуствува на Јубилејната прослава во руската престолнина.
