И експресниот пат Прилеп – Градско се „дави“ во проблеми
Промашена траса и проблеми слични како оние на автопатот Кичево - Охрид детектираше министерството за транспорт и врски.
Министерот Сугарески најави сериозна анализа на сите патишта кои се градат во државата поради големи и сериозни пропусти пред кои не може да се замиже.
„Пропустите се однесуваат во делот на трасата и проектната документација врз основа на која се гради делницата, но и во делот на плаќањето кое го врши јавното претпријатие за државни патишта. Проблемите се слични како оние кои се појавија на автопатот Кичево - Охрид“, изјави Сугарески.
Тој повтори дека изградбата на автопатот ќе чини за 120 милиони евра повеќе од предвиденото.
„Дополнителни средства за автопатот Кичево- Охрид ќе треба да се исплатат. Ова го тврдам бидејќи според последната пресметка која што ја има надзорот направено, некаде под 120 милиони евра нема да биде таа, дури и ако работите се изведуваат под швајцарски саат. Сакам да ги видам дополнително проблемите кои се случуваат и на експресниот пат Прилеп- Градско и на сите делници кои се градат. Она што опозицијата го вели- да продолжи да се гради без да се направи анализа, нема да биде можно“, изјави министерот Сугарески.
Министерот најави дека со ребалансот на буџетот ќе се скратат расходи од ова министерство наменети за купување на мебел. Претходната влада предвидувала високи суми наменети за комодитет, посочи тој.
