И дипломатите се кренаа против поскапувањата на струјата и парното!
И Синдикатот на македонската дипломатска служба излезе со јавна поддршка за барањата на Граѓанската асоцијација „Аман“.
Како што стои во соопштението, Синдикатот направил анализа на реалните цени, услови и квалитет на испорачаните услуги од енергетските оператори со македонските плати и реалната куповна моќ на граѓаните, по што било заклучено дека барањата на „Аман“ за корекција на цените, пред се на електричната и на топлинската енергија се целосно легитимни.
Според дипломатите, барањата на „Аман“ се сосема оправдани и се своевидна борба за социјална правда, а како што велат тие, тоа е основен принцип на синдикализмот
Оттука, истакнуваат во соопштението Синдикатот на македонската дипломатска се придружува на акцијата за собирање на 10 000 потписи за измена на Законот за енергетика, но ги повикуваат и сите граѓани и здруженија да го сторат истото.
„Потсетуваме дека поддржувајќи ја акцијата на „Аман“, истовремено се поддржува и доследната употреба на законски средстава во заштита на демократијата и конзистентно дејствување во рамките на институциите кои за жал наместо да се постават во служба на сите граѓани на Република Македонија-се чини дека се определија да бидат во служба на само некои наши сограѓани“, пишуваат од Синдикатот на македонската дипломатска служба.
Слично
