И денеска нема конкретен договор од преговорите во Пржино
Уште една рунда преговори со претставниците на четирите политички партии денеска заврши во Пржино без конкретен договор за излез од кризата.
Се преговараше за медиумите и за прочистувањето на списокот со гласачи. Од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ велат дека има мал напредок, а од СДСМ рекоа дека нема поместување.
„Стравот на СДСМ од избори и од соочување со граѓаните е повеќе од очигледен. Не се согласивме само околу казните за медиумите затоа што од СДСМ бараат поголеми казни, а ние, симболични, од едно евро“ - рече преговарачот од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров.
Рената Дескоска од СДСМ вели дека нема да прифатат во избирачкиот список да останат имиња кои ниту со теренски, ниту со вкрстени проверки не може да бидат верификувани.
„Ние сакаме список кој е соодветен на реалноста во земјата. Исто така, нема никакви сигнали дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да се откаже од контролата на медиумите“-изјави Дескоска.
Артан Груби од ДУИ сè уште е оптимист и додава дека напредок има.
И вчера по средбата во Пржино, ставовите на партиите беа скоро исти.
Нови средби викендов нема да има, а во понеделник доаѓа Викторија Нуланд, помошник државен секретар на САД.
