И ДА РАБОТЕЛ САМО ШЕСТ МЕСЕЦИ ПА ГО ОТПУШТИЛЕ, РАБОТНИКОТ ДА ИМА НАДОМЕСТОК ОД ДРЖАВАТА, И ТОА 100 ОТСТО - Левица го скрои законот за „апанажа“ на работничката класа
Наместо 50 отсто, работниците кои останале без работа да добиваат надоместок од 100 проценти од платата во текот на одреден период откако ќе добијат отказ, во зависност од периодот колку што работеле во одредена компанија. Покрај ова, значително да се намали времето на работен стаж на работникот кој го изгубил работното место, за тој да ги исполни условите да зема паричен надоместок од државата. Или, да бидат доволни барем шест месеци работен стаж, за работникот да добива барем три месеци парична помош од државата.
Ова се предвидува со измените на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, предложени од двајцата пратеници на Левица, Димитар Апасиев и Борислав Крмов, или популарно наречениот закон за апанажа на работниците, како што самите тие го нарекоа.
Неодамна овие пратеници најавија дека заедно со реномирани правни експерти ќе го подготват овој закон за апанажа на работниците.
Ова, пак, следуваше откако мнозинството народни избраници го одби предлог законот на опозициската Левица за укинување на правото на апанажа на функционерите, меѓу кои и самите пратеници, а со кој тие сакаа и за сите функционери да важат истите правила на игра како и за работниците доколку ги изгубат своите работни места, односно им прекине функцијата и пратеничкиот мандат.
Во своето образложение за тоа зошто треба да се донесат овие законски измени, пратениците од Левица велат дека актуелниот Закон за вработување и осигурување во случај на невработеност предвидува драстично понеповолни услови за работниците кои останале без работа за да се стекнат со право на паричен надоместок, во споредба со условите кои важат за добивање на апанажата, односно надоместокот кој го добиваат избраните и именувани функционери по завршување на функцијата, предвиден со Законот за плата и другите надоместоци на избрани и именувани лица.
„Ваквата фактичка ситуација продуцира нееднаков третман на правата на граѓаните и врши дополнителна социјалана диференцијација по однос на имотната и општествената положба. Со тоа се врши сериозно прекршување на уставното начело на забрана на секаков вид на дискриминација, предвидено во членот 9 од Уставот“, велат пратениците.
Додаваат и дека нивниот предлог закон е во насока на анулирање на востановената противуставна ситуација - преку синхронизирање т.е. усогласување на условите за стекнување на правото и висината на паричен надоместок на работниците за време на невработеност, со условите за стекнување на правото и висината на паричниот надоместок на функционерите по престанување на функцијата.
„Од наведените причини, ја увидовме потребата од носење на овој предлог закон, со кој се обезбедува посоодветна социјалната и економската еднаквост на граѓаните без разлика на нивната општествена положба“, нагласуваат Апасиев и Крмов во предлог законот кој го потпишале.
Предлагачите велат дека спроведувањето на овој закон не предизвикува финансиски последици врз Буџетот на земјава и другите јавни финансиски средства. Со оглед на тоа што не се работи за обемен и сложен закон, се предлага да се донесе по скратена постапка.
Една од клучните новини во овој предлог е што со него се предвидува зголемување на висината на месечниот паричен надоместок за време на невработеност за работниците - во висина од 100 отсто од просечната месечна нето плата на работникот, наместо 50 отсто колку што беше досега.
Исто така, со овие законски измени, се разбира доколку бидат прифатени, ќе се намали потребното време во кое мора да бил вработен работникот, за тој потоа да има право на паричен надоместок.
Односно, ако некој бил вработен и осигуран непрекинато барем шест месеци, ќе добива паричен надоместок во времетраење од три месеци.
Потоа, ако работникот бил вработен и осигуран од шест месеци до една година, ќе има право на надоместок од шест месеци, а доколку работниколт што останал без работа имал стаж на осигурување од две години и повеќе, тој би имал право на паричен надоместок од една година.
Сега, пак, работниците што останале без работа, добиваат паричен надоместок од само еден месец доколку имале стаж на осигурување од најмалку девет месецi во непрекинато траење или 12 месеци со прекин во последните 18 месеци, а добиваат надоместок од само два месеци ако имале стажод 18 месеци до две и пол години.
Потоа, определен е паричен надоместок од три месеци, ако работникот имал стаж на осигурување над две и пол до пет години, а следува надоместок од четири месеци, ако имал стаж од пет до седум и пол години.
Пет месеци добивање паричен надоместок е определено ако работникот имал стаж на осигурување над седум и пол до10 години. Доколку, пак, работникот е вработен од 10 до 12 и пол години, ќе добива надоместок во период од шест месеци, а седум месеци ќе зема парична помош од државата за стаж од 12,5 до 15 години. Со сегашниот закон следуваат осум месеци надоместок ако работникот има стажнаосигурувањенад 15 до 17,5 години, додека, пак, има девет месеци надоместок секој оној што имал стаж од 17,5 до 20 години. Десет месеци паричен надоместок следуваат за стажнаосигурување од 20 до 22,5 години, а 11 месеци надоместок за стаж од 22,5 до 25 години. И конечно, 12 месеци односно една година ќе добива надоместок работникот кој имал стаж на осигурување над 25 години.
На невработеното лице, пак, кое има над 15 години стаж на осигурување, а на кое му недостасуваат најмногу до 18 месеци пред исполнување на услови за стекнување право на старосна пензија, паричен надоместок му се исплатува до неговото вработување,односно до настапувањето на некои од основите за престанок на правото на паричен надоместок.
Нина Нинеска-Фиданоска