И Црногорците се кренаа на нозе
По примерот на настаните во БиХ, Фејсбук групата „Револуција во Црна Гора - сите на улица“ денеска ќе организира протест пред зградата на црногорскиот Парламент во Подгорица, каде ќе бара смена на актуелната власт.
Групата, според црногорските медиуми, ги повикува граѓаните денеска да излезат на улиците и да побараат смена на власта, а се најавува и блокада на сообраќајот во центарот на Подгорица.
Организаторите на протестот, најавуваат барање на оставка на Владата на Црна Гора и оставка на сите пратеници во црногорскиот Парламент.
- Нашите барања се оставка на власта и излез на сите пратеници од парламентот, се наведува на Фејсбук страницата на групата „Револуција во Црна Гора - сите на улица“.
Според организаторите време е за радикални промени во Црна Гора, наведувајќи дека собирот нема да биде пријавен во полиција.
