И архитектонскиот факултет прогласи автономна зона
Студентите на архитектонскиот факултет, денеска започнаа да ја бојкотираат наставата, со што прогласија автономна зона и на овој факултет. Дел од професорите ја поддржаа окупацијата на студентите, коишто порачаа дека студентскиот активизам е жив и се шири, а воедно ги повикаа и останатите факултети да се придружат во борбата против новите образовни реформи.
Студентскиот Пленум ја доби и поддршката од босанската група ,,Дубиоза Колектив”, којашто денеска допатува во Скопје и бесплатно свиреше на платото на УКИМ.
Инаку, Министерството за образование го прифати предлогот на Студентскиот Пленум да се сретнат на академско тло, а средбата треба да се одржи утре во просториите на Ректоратот на УКИМ. Ќе учествуваат претставници од Министерството, како и претставници од Студентскиот и Професорскиот Пленум. На средбата се очекува да се дојде до заедничко решение за новиот закон за високо образование.
