И Ахмети и Тачи ставиле потпис на иницијативата против избори на 24 април!
Лидерите на ДУИ и ДПА Ахмети и Тачи се потпишале на иницијативата со која потпретседателот на Собранието Рафиз Алити собираше потписи за поништување на Одлуката за распуштање на Парламентот .
Медиумите веќе пренесуваат дека потписите се соберени и дека се чека да се договори мнозинство за истата да влезе во процедура.
За 24 вести оваа информација ја потврдил шефот на кабинет на Али Ахмети , Артан Груби кој рекол дека на иницијативата се потпишала и пратеничката Лилјана Поповска.
За повлекување на одлуката потребни се потписи од 20 пратеници, а за неа треба да гласаат најмалку 62 пратеници.
Заедно со оваа одлука, треба да се донесе и одлука за менување на Изборниот законик, во кој е наведено дека предвремените избори ќе се одржат на 24 април.
Засега се чека на претседателот на Собранието Трајко Велјановски кој треба да да одлучи кога ќе свика собраниска седница за иницијативата.
Сепак оваа иницијатива не предвидува нов датум за избори туку само поништување на одлуката за распуштање на Собранието на полноќ.
Евентуален нов датум треба да се договори со консенус меѓу четирите партии.
Потпишување на иницијативата ветил и пратеникот Павле Трајанов, а од опозицијата кажаа дека нема да потпишат иницијатива која ќе значи избори во април.
