И аферата Свед милк во локалните избори, ем Шведско, ем македонско!
Премиерот и лидер на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски директно и јавно му се закани на независниот кандидат за градоначалник на Могила Стево Пивковски, кој влезе во вториот круг од локалните избори заедно со Славко Велевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Го нарече ортак на Рамковски во случајот „Сведмилк“. Груевски на могилчани им раскажуваше дека во тоа време Рамковски побарал од него да се стави клуч на млекарницата, бидејќи така ќе се поништи долгот што го имал. Во спротивно му се заканил дека заедно со своите ортаци ќе тргне против сите оние што ќе се спротивстават на тоа, па и против премиерот, јави Телма.
-Следниот ден, првпат го гледаме на телевизија Стево. Тогаш видов кој бил ортакот. Се појави, вика напаѓа се заканува. Пак ми се јавува овој што сега е во затвор и ми вели, гледаш ли со кого имаш работа. Сакаш утре пак да ти ги донесам? –рече Груевски.
Пивковски подоцна, како што јавува Телма, му се извинил на Груевски, а премиерот му простил, по што фармерот со 90 илјади евра од ИПАРД програмата изгради фарма во Могила.
-Неговиот ортак заглави во затвор, а овој го гледа него во затвор и, си вели: „А јас градоначалник да си станам. Што убаво ми тргна. Ортакот се заглави, јас си зедов 90 илјади евра, сега уште градоначалник да станам. Што убава работа, еден од ортациве во затвор, еден градоначалник. Е нема да може така во Могила. Нам не ни требаат преваранти да ни ги преземаат општините и да манипулираат со луѓето“, рече Груевски
На прашањето на Телма, дали ќе ја даде подршката на градоначалникот Славко Велевски и покрај тоа што тој јавно призна дека давал пари на социјално загрозени луѓе во општината и дека помагал за партиски вработувања во јавни претпријатија, Груевски утрово во Битола рече дека нема такви сознанија и ќе одговори откако ќе разговара со Велевски. Премиерот не успеа на само да се види со градоначалникот на Могила, но застана во негова одбрана, предупредувајќи го Пивковски.
-Стево нека си ги гледа 90-те илјади евра и нека е среќен што не е веќе во друштво со ортакот, а Могила да си тера со чесен и исправен човек, додаде премиерот.
Пивковски, вечерва, како што јави Телма кусо реагираше. Вели, не знае зошто треба да е среќен што не е во друштво со Велија, затоа што тврди, работи чесно и никогаш не го поддржувал Рамковски. Вели дека со макотрпен труд ги добил европските пари и тврди дека се уште не му се целосно исплатени. Изненаден е од речникот на премиерот и заканите упатени до него.
Во првиот круг Пивковски води со 50 гласа пред кандидатот на владеачката партија, Велевски. Стеван Пивковски, освои 1.774 гласови, додека кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Славко Велевски, освои 1.715 гласови.
Инаку на промоцијата на отворањето на Сведмилк во Скопје пред 6 години беше присутен сиот државно владин врв, при што млекарницата беше промовирана како решение за сите проблеми на македонските производители на млеко.
Слично
